Околу 50 компании заинтересирани за изградбата на пречистителна станица во Скопје вредна 136 милиони евра

Река Вардар; Фото: Архива на Мета.мк

Од денот на распишување на повикот за претквалификации за избор на најдобар понудувач за проектиране и изградба на Пречистителна станица за отпадните води од Скопје, околу 50 компании изразиле интерес, односно најавиле дека ќе ги превземат документите за пријавување за изборот на изведувач на постројката, чија вредност е проценета на 136 милиони евра, соопшти ЈП Водовод и канализација – Скопје. Повикот е објавен кон крајот на јуни годинава.

Поради големиот интерес, наместо до 17 август годинава, рокот за претквалификации е продолжен до точно напладне на 1 септември годинава. Од јавното претпријатие појаснуваат дека продолжувањето на рокот е за да може сите заинтересирани да ги подигнат формуларите за аплицирање и потоа навремено да ја достават потребната документација.

Официјалната објава на Поканата за претквалификација за избор на најповолен понудувач за проектирање и изградба на постројка за третман на отпадни води Скопје, може да се најде на официјална платформа на Европската Инвестициона Банка.

Мета во изминатиов период редовно ја следеше темата со отпадните води во земјава, со посебен акцент и на ситуацијата во Скопје. За проблемот со загадувањето на Вардар со одлевање на отпадните води, Мета.мк разговараше и со доктор Љупчо Костадиновски, специјалист по хигиена и здравствена екологија од Центарот за јавно здравје – Скопје.

Идната пречистителна станица за отпадни води во Скопје треба да биде изградена до крајот на 2026 година доколку се следи предвидената динамика на изведба од пет години. Овој објект треба да овозможи подобрување на квалитетот на речните води на Вардар во Скопскиот регион, кои во моментов се наоѓаат во најниските хемиски и бактериолошки класи за квалитет на водите. Една од главните причини за лошиот квалитет на овие води е директното испуштање на фекалиите од скопските домаќинства и компании како непречистени во Вардар.