Силното невреме кое ја погоди Словенија, не е резултат на ХААРП, туку е природна појава. Станува збор за суперклеточна бура со грмотевици која се карактеризира со присуство на мезоциклон: длабок, упорно ротирачки нагорен проток. Поради ова, овие бури понекогаш се нарекуваат ротирачки грмотевици. Научниците и метеоролозите велат дека ХААРП не може да го промени времето, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Пост на Фејсбук тврди дека силното невреме кое деновиве ја погоди Словенија било резултат на ХААРП системот. Ова не е точно.
18.07.2023 21.30Не верувате во H.A.A.R.PОва е вечерва.Словенија, Мозирје, стои во објавата која ја анализираме.
Над северна Италија и западна Австрија, веќе ни се приближува првата бура. Во моментов невремето не е особено силно, така што засега не се очекуваат поголеми непријатности, но со големата нестабилност на атмосферата и силниот ветер што дува на голема надморска височина, ситуацијата може многу брзо да се влоши, пишува на Фејсбук страницата Метеоинфо Словенија.
Што се однесува до чудниот облик на облаците во текот на невремето, од Метеоинфо Словенија објавиле дека станува збор за облаци од типот маматус.
Бурата која го погоди регионот се карактеризира како суперклеточна бура.
Силно невреме се приближува кон Истра, словенечкото крајбрежје и Приморска и Кварнер од правец на Италија. Најлошото најверојатно ќе биде на јужниот раб на системот, каде што се формира силна суперклеточна бура. Во моментов се движи во правец на Пула. Подоцна таа ќе замине кон северна Далмација. Локално, можни се силни, дури и налети на ветрови слични на урагани, обилни врнежи и град. Бидете внимателни особено во камповите на хрватското приморје, стои во една објава на Метеоинфо Словенија.
Оваа бура им е позната на метеоролозите и таа постои како природна појава, исто како и облаците од типот маматус. Никаде не сретнавме информација дека тие се производ на ХААРП.
ХААРП е високо фреквентна активна истражувачка програма на поларната светлина кој е заеднички проект од различни партнери: индустријата, американското министерство за одбрана и бројни универзитети ширум САД. Научниците направија лабораторија во Гакони, Аљаска и инсталираа 180 високофреквентни антени, кои заедно можат да емитираат 3.600 киловати радиобранови на фреквенциите од 2.8 до 10 мегахерци (високфреквентен ранг), што им овозможува на особено чувствителните инструменти да ги измерат физичките процеси кои се одвиваат во тој појас.
Работата на истражувачкиот објект беше префрлена од Воздухопловните сили на Соединетите Држави на Универзитетот во Алјаска, Фербенкс на 11 август 2015 година, дозволувајќи му на ХААРП да продолжи со истражување на јоносферската феноменологија, преку договор за соработка за истражување и развој за користење на земјиштето.
Поради нејзините вградени нови технологии, САД овие антени ги употребуваат и во комуникациите и во особено длабоките делови од морињата или земјата. Не е точно тврдењето дека овие антени можат да влијаат на промените на климата.
На официјалната веб-страница на проектот се вели дека „ги проучува својствата и однесувањето на јоносферата“. Јоносферата се протега на околу 50 до 400 милји над површината на Земјата, веднаш на работ на вселената. Заедно со неутралната горна атмосфера, јоносферата ја формира границата помеѓу долната атмосфера на Земјата – каде што живееме и дишеме – и вакуумот во вселената.
Теоретичарите на заговор велат дека ХААРП е дизајниран да произведува промена на временските услови. Сепак, научниците и метеоролозите велат дека ХААРП не може да го промени времето.
Џесика Метјуз, програмскиот менаџер на ХААРП на Универзитетот во Алјаска, Фербенкс, за Ју-ес-еј тудеј изјави дека опсегот на фреквенција што го пренесува ХААРП, не се апсорбира ниту во тропосферата, ниту во стратосферата – двете нивоа на атмосферата што го создаваат времето на Земјата.
Радио преносите од ХААРП предизвикуваат само мали ефекти во јоносферата кои траат краткотрајно, неколку секунди.
Од сето ова можеме да заклучиме дека силното невреме кое ја погоди Словенија, не е резултат на ХААРП, туку е природна појава. Станува збор за суперклеточна бура со грмотевици која се карактеризира со присуство на мезоциклон: длабок, упорно ротирачки нагорен проток. Поради ова, овие бури понекогаш се нарекуваат ротирачки грмотевици. Научниците и метеоролозите велат дека ХААРП не може да го промени времето.
Поради сето ова, постот што го анализираме го оценуваме како невистинит.