fbpx

Нема докази дека Палевски патувал со лажен пасош, уште помалку дека му го дал Спасовски

За овој случај беше отворена истрага, а судот им изрече казни на 11 обвинети лица вработени во МВР. Ваквото тврдење понатаму е фабрикувано и филувано до степен да се шират дезинформации дека Спасовски му издал лажен пасош на првоосомничениот за убиствата на Вања и Панче, Љупчо Палевски. Ваквите тврдења не се поткрепени со никакви докази

-

Тврдењето оти Спасовски издавал лажни пасоши на светски криминалци, е невистинито. За овој случај беше отворена истрага, а судот им изрече казни на 11 обвинети лица вработени во МВР. Ваквото тврдење понатаму е фабрикувано и филувано до степен да се шират дезинформации дека Спасовски му издал лажен пасош на првоосомничениот за убиствата на Вања и Панче, Љупчо Палевски. Ваквите тврдења не се поткрепени со никакви докази и се надоврзуваат на низата шпекулации во врска со убиството на 14-годишната тинејџерка кое ја вознемири целата македонска јавност, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски наводно делел пасоши на криминалци низ светов, па поради тоа не било исклучок да му дал лажен пасош и на Љупчо Палевски – Палчо, првоосомничениот за убиството на Вања Ѓорчевска, .

ПА СО ОБЗИР НА ТОА ДЕКА ОБИЏУКО ДЕЛЕШЕ ПАСОШИ НА СЕ ШТО Е БИТАНГА ПО СВЕТОВ , ЗОШТО ПАЛЧО БИ БИЛ ИСКЛУЧОК !???, стои во објавата која ја анализираме.

Објавата споделува напис, кој, повикувајќи се на некакви „анонимни извори кои имале информации за истрагата“ за убиствата на Вања и Панче Жежовски од Велес, тврди дека истражните органи го разгледувале и сценариото, според кое Палевски низ регионот се движел со пасош на кое имало друго име различно од неговото.

Дали Палевски по бегството се движел низ Србија, Бугарија и Турција со лажен пасош издаден од МВР на Оливер Спасовски, е прашањето на кое одговор бараат луѓе во обвинителството, посочува написот.

Во текстот без да се понудат никакви докази и факти, се отвораат многу прашања кои можат да бидат предмет на разни шпекулации и дезинформации, како што е случајот со објавата што ја анализираме.

Наспроти тоа, факт е дека Спасовски не делел пасоши на светски криминалци.

Имено, за случајот со делење лажни пасоши на странски криминалци, информираше министерот Спасовски на 6 април 2021 година. Тој тогаш соопшти дека МВР спровело акција во која биле уапсени деветмина полициски службеници за фалсификување патни исправи, а по уште еден се трагало.

Истрагата што траела повеќе од една година била во координација со Канцеларијата за истраги на Американската амбасада и Интерпол. Вработените издавале патни исправи со лажен, туѓ идентитет на лица, странски државјани со податоци како да се македонски државјани. Тие ја злоупотребиле својата положба и овластување, рече Спасовски, пренесе Канал 5 телевизија.

Во оваа информација се наведува уште дека со вакви патни исправи се здобиле 215 лица, за кои немало биометриски податоци, а за пасошите се користеле податоци земени од македонски државјани. Исто така, се додава дека МВР во координација со Канцеларијата за истраги на американската амбасада и Интерпол спровеле голема акција по повеќе од година дена истрага и документирање на дејствувањето на криминалната група.

За овој случај, познат како „Двојник“ на 11 јуни 2021 година Кривичниот суд Скопје, за нелегално издавање пасоши во периодот од јуни 2017 до крајот на 2020 година, ги прогласи за виновни Фарук Буки, Весна Колевска и Бранислава Шпишиќ. Обвинетиот Буки беше осуден на три години затвор, додека на обвинетите Колевски и Шпишиќ им беа изречени условни казни од една година затвор во случај да го повторат кривичното дело во следните три години, пренесе „360 степени“.

Судскиот процес „Двојник“ започна со 11 обвинети, но тројцата вработени во МВР кои на 11 јуни 2021 ја слушнаа пресудата беа единствените кои останаа до крај. Од останатите, на првите рочишта седум лица признаа вина, додека за една обвинета, поради здравствени причини, се раздвои предметот, но и таа преку нејзиниот адвокат најави дека ќе признае вина.

Од седуммината што признаа шестмина добија затворски казни, а еден условна. Меѓу оние што признаа вина беше и посредникот Раиф Мифати, кој се гонеше за поттикнување. Вработени во МВР, пак, добија и забрана за извршување професија и дејност во времетраење од 10 години.

Затворските казни кои беа изречени од првостепениот суд се движат од 1 година и 7 месеци до 2 години и 7 месеци, пишува во текстот на „360 степени“ објавен на 11 јуни 2021 година..

Според тоа, не може да се тврди дека министерот Спасовски давал пасош на светски криминалци, како што се тврди во објавата, кога за случајот се водеше судска постапка, а виновниците со конкректно име и презиме, добија и казни. Уште помалку може, без никакви докази и факти, да се тврди дека Спасовски му дал лажен пасош на Палевски.

Во однос на пасошот со кој патувал Палевски, министерот Спасовски, на 7 декември 2023 година, по посетата на СВР Охрид, одговарајќи на новинарско прашање, со каков пасош патувал Палевски до Турција, кусо рече: „Со македонски“, јави Мкд.мк.

Меѓународна потерница по Палевски, МВР распиша на 4 декември 2023 година, еден ден откако министерот Спасовски соопшти дека се приведени пет лица осомничени за исчезнувањето (а потоа и убиството) на Ѓорчевска.

Еден ден потоа, на 5 декември, Спасовски информираше дека Љупчо Палевски-Палчо е уапсен во Турција, каде избега откако полицијата му влезе во трага за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Палевски бил пронајден во градот Беликесир, во западна Турција, меѓу Бурса и Измир.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека тврдењето оти Спасовски издавал лажни пасоши на светски криминалци, е лага. За овој случај беше отворена истрага, а судот им изрече казни на 11 обвинети лица вработени во МВР. Ваквото тврдење понатаму е фабрикувано и филувано до степен да се шират дезинформации дека Спасовски му издал лажен пасош на првоосомничениот за убиствата на Вања и Панче, Љупчо Палевски. Ваквите тврдења не се поткрепени со никакви докази и се надоврзуваат на низата шпекулации во врска со убиството на 14-годишната тинејџерка кое ја вознемири целата македонска јавност.

Поради сето ова, објавата што ја анализираме, ја оценуваме како неточна.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...