Ковачевски ja повика ВМРО-ДПМНЕ да учествува во техничката влада

Премиерот потсетува дека законска обврска е и претседателот на Владата да поднесе оставка 100 дена пред изборите, а тоа Ковачевски ќе го исполни како законска обврска

Фото: Порталб.мк

Премиерот Димитар Ковачевски денеска ја повика ВМРО-ДПМНЕ да учествува во техничката влада, која треба да профункционира од 28 јануари 2024 година. Тој ја потсети опозициската партија дека учеството во техничката влада е законска обврска согласно Законот за влада и Изборниот законик и предупреди дека неучеството на опозицијата во техничката влада може да фрли дамка врз изборниот процес.

„Од партијата ВМРО-ДПМНЕ треба да предложат министри во МВР и во Министерството за труд и социјална политика, а власта да предложи дополнителни заменици-министри во овие министерства. Од ВМРО-ДПМНЕ треба да предложат дополнителен заменик-министер во министерствата за финансии, за земјоделство и за информатичко општество и администрација. Ова се работи што се дефинирани со закон“, потенцираше денеска Ковачевски.

Премиерот потсетува дека законска обврска е и претседателот на Владата да поднесе оставка 100 дена пред изборите, а тоа Ковачевски ќе го исполни како законска обврска.

„Јас ќе ја исполнам мојата законска обврска исто како што и другите претседатели на влада и политички партии пред тоа ја исполниле“, изјави Ковачевски, додавајќи дека не гледа никаква пречка или причина тоа да не биде направено и за претстојните избори.

Во однос на учеството во техничката влада, од ВМРО-ДПМНЕ засега немаат официјална информација околу ова прашање. Изминативе денови откако се објави дека Талат Џафери ќе биде премиер во техничката влада на предлог на ДУИ, од опозициската партија испратија серија од критики кон ваквиот избор. Од ВМРО-ДПМНЕ стигнуваа пораки дека СДСМ бил слуга, а ДУИ се стопан во владата.

„Ковачевски покажа дека е слуга во владата од која на 28-ми јануари следната година ќе се исели од премиерскиот кабинет за да се смести неговиот стопан од ДУИ, Талат Џафери“, гласеше едно од соопштенијата на ВМРО-ДПМНЕ за идниот премиер на техничката влада во која треба да учествуваат и тие со свои министри.