fbpx

Не е точно дека ковид вакцината на Фајзер предизвикува машка неплодност

Додека нема докази оти вакцината против ковид-19 може негативно да влијае на машката плодност, во медицинскиот свет постојат информации и податоци дека инфекцијата со ковид-19 може да влијае на плодноста, барем краткорочно

-

Наспроти изнесеното во постот што го рецензираме, „Вистиномер“ не пронајде никакви докази дека самата компанија „Фајзер“ имала објавено извештаи кои наводно покажувале дека нивните вакцини против ковид-19 може да предизвикаат неплодност кај мажите и дека тоа се знаело уште во фазата на проучување на лекот. Во фазата на создавање на вакцините немаше испитувања на плодноста, но подоцна сите испитувања на женската и машката плодност покажаа дека вакцините се безбедни и ефикасни, поради што беа препорачани и на бремени жени и на мажи кои сакаат да станат татковци, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Вакцината против ковид на Фајзер може да предизвика неплодност кај мажите.

Потоа се споделува текст од сајтот Фри Глоуб во кој се вели дека во неодамнешните извештаи на Фајзер пишувало дека:

Нивната вакцина против ковид-19 може да предизвка неплодност кај мажите.

Ова беше познато дури и во фазата на проучување на лекот, но поради некоја причина раководството на Pfizer молчеше за тоа. Сите дознаа за несаканиот ефект дури сега откако беше објавена анализата на документите на компанијата.

Имајте предвид дека милиони луѓе се вакцинирани со оваа вакцина само во Соединетите Држави.

Но, не е точно дека во неодамнешни извештаи на Фајзер пишувало дека нивната вакцина може да предизвика неплодност кај мажите и дека тоа се знаело уште во фазата на проучување на лекот. Во фазата на создавање на вакцините немаше испитувања на плодноста, но подоцна сите испитувања на женската и машката плодност покажаа дека вакцините се безбедни и ефикасни, поради што беа препорачани и на бремени жени и на мажи кои сакаат да станат татковци.

Она што се појави на интернет и тоа во јуни 2022 година и до ден денешен е злоупотребувано од страна на противниците на вакцините против ковид-19, е мала студија од само 37 учесници во неа (37 вакцинирани мажи со вакцината на Фајзер), кои биле донори на сперма. Од нив во студијата биле земени 220 примероци и биле анализирани. Студијата пронајде дека споредено со периодот пред вакцинацијата, примероците земени 2.5 до 5 месеци после вакцинацијата, имале пониска концентрација на сперма, што е бројот на сперматозоиди на милилитар сперма, како и понизок број на сперматозоиди кои што „пливаат“.

Ова, како што пишуваат проверувачите на факти на Фулфект, претставува привремено и временски ограничено намалување на параметрите, бидејќи истите параметри не биле пониски на статистички значаен начин во примероците земени после 5 месеци по вакцинацијата.

Не е јасно зошто се случило ова, иако студијата сугерира дека „системскиот имун одговор после вакцината на Фајзер, е разумна причина за опаѓањата на семена концентрација и сперматозоидите кои се активни“. Се додава дека други студии покажале дека болест којашто вклучува треска во своите симптоми, може моментално и временски ограничено да го афектира квалитетот на сперма и се вели дека „не директниот ефект од вакцината, туку системскиот имун одговор е поразумна причина и објаснување за временото опаѓање“.

Други студии не покажаа намалување на квалитетот на спермата после вакцинација со вакцината од Фајзер.

Важно е да се забележи дека станува збор за студија со само 37 учесници, што ја прави истата релативно мала. Помалку учесници, генерално значии  и дека откритијата се помалку сигурни и резултатите се поподложни на тоа да се погодени од рандом екстреми во која било насока. Во самата студија се кажува дека истата има неколку ограничувања, како на пример тоа што е фокусирана само на донори на сперма, а не на генералната популација.

Професорката по епидемиологија на Универзитетот во Бостон за јавно здравје, Амелија Веселинк за Ројтерс вели дека:

Нема докази коишто сугерираат дека вакцината против ковид-19 може да предизвика машка неплодност.

Таа е водечки автор на Националниот институт за студии на повеќе од 2 илјади двојки коишто се обидуваат да добијат дете без третман за плодност.  Студијата не пронашла никаква поврзаност меѓу вакцинацијата на кој било од двајцата родители и плодноста.

Професорот по урологија Ранјит Рамасами од Универзитетот во Мајами, исто така, тврди дека за ова нема докази и упатува на студија од 2021 година којашто е прегледана од медицинската заедница, а во која тој и други истражувачи евалуирале 45 мажи целосно вакцинирани со мРНК вакцина против ковид-19.

Не е забележан пад во ниту еден од параметрите на спермата, волуменот, концентрацијата или целосниот број на сперматозоиди, вели Рамасами.

Таа додава дека мРНК вакцините се безбедни за општата популација и ефективни во превенцијата на сериозни болести.

Додека нема докази оти вакцината против ковид-19 може негативно да влијае на машката плодност, во медицинскиот свет постојат информации и податоци дека инфекцијата со ковид-19 може да влијае на плодноста, барем краткорочно.

Некои студии покажуваат дека мажите инфицирани со Сарс Ков 2, имаат пад во параметрите на спермата, но со текот на времето параметрите се враќаат во нормала,  вели Рамасами.

На пример, студија објавена во Плодност и стерилитет, покажала намален број на сперматозоиди кај мажи што биле инфицирани со ковид-19 и се опоравиле месеци претходно. Авторите предупредуваат дека треба да се направат дополнителни истражувања за да се утврди дали кај помал број мажи може да има перманентна штета.

Центарот за контрола и превенција на болести на САД заедно со медицинските професионалци, препорачуваат вакцини против ковид-19 кај двојките што сакаат да имаат деца.

Студија од повеќе од 2 илјади жени на возраст од 21 до 45 години и нивните партнери пронајде дека вакцинацијата на кој било од партнерите не ја афектира шансата за успешно забременување.

Организацијата за машко репродуктивно здравје и урологија препорачува вакцинација за сите мажи кои посакуваат да станат татковци и ги исполнуваат критериумите за вакцинација.

Па, наспроти изнесеното во постот што го рецензираме, „Вистиномер“ не пронајде никакви докази дека самата компанија „Фајзер“ имала објавено извештаи кои наводно покажувале дека нивните вакцини против ковид-19 може да предизвикаат неплодност кај мажите и дека тоа било познато уште во фазата на проучување на лекот но дека Фајзер го премолчувале тоа“.

Поради сите горенаведени факти постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со автоматска пушка влегол во казино во Лешок и украл над 300.000 денари

Наредба за истражна постапка против 28-годишен жител на селото Непроштено, Општина Теарце, кој е осомничен за разбојништво и поседување автоматска пушка, донесе Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово. Во...