Фото: Xavier Mouton Photographie на Unsplash

Велика Британија ги нема променето упатствата за користење на ковид вакцината за бремени жени. Корисниците на социјалните мрежи погрешно го интерпретираат делот од извештајот за вакцината на Фајзер кој што беше објавен кон крајот на 2020 година од Британската регулаторна агенција како дел од иницијалниот процес за одобрување на оваа вакцина. Агенцијата потврди за проверувачи на факти на Асошиејтед Прес, дека подоцнежните податоци укажале на тоа дека вакцината може да се прими за време на бременост и доење, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој со најавата „ударни вести” се дезинформира јавноста. Објавата се однесува на Велика Британија и во неа се кажува дека наводно „британската влада тивко го отстранува одобрението на мРНК вакцината против ковид-19 за бремени жени и за доилки“.

Кога ќе се пристапи до текстот од сајтот Коловрт, се гледа дека него се зборува за тоа дека наводно Регулаторната агенција за лекови и здравствени производи во Велика Британија објавила резиме на извештајот за јавна проценка за вакцина против ковид-19 на Фајзер и дека информацијата е ажурирана на 16 август 2022 година. Во извештајот цитирани се извесни заклучоци за токсичност и се вели дека наводно „во моментот се смета дека не може да се обезбедат доволно докази за безбедна употреба на вакцината кај бремени жени“.

Сепак, употребата кај жени со репродуктивен потенцијал може да биде поддржана под услов здравствените работници да се советуваат и да исклучат можна бременост пред вакцинацијата. Жените кои дојат исто така не треба да се вакцинираат, стои во текстот на Коловрт.

Меѓутоа, Велика Британија ги нема променето упатствата за користење на ковид вакцината за бремени жени. Корисниците на социјалните мрежи погрешно го интерпретираат делот од извештајот за вакцината на Фајзер, кој што беше објавен кон крајот на 2020 година од Британската регулаторна агенција како дел од иницијалниот процес за одобрување на оваа вакцина. Агенцијата потврди за проверувачи на факти на Асошиејтед Прес дека подоцнежните податоци укажале на тоа дека вакцината може да се прими за време на бременост и доење.

Владата на Велика Британија поддржува вакцинација на бремени жени, потврдиле за Асошиејтед Прес од агенцијата.

Делот од извештајот за токсичност, кој се цитира во постот што го рецензираме, бил објавен од Регулаторната агенција на земјата во 2020 година и последно е обновен на 16 август годинава. Во заклучоците за токсичност се сугерира дека тие што се бремени или дојат не треба да се вакцинираат, но, исто така, во него се вели дека овие препораки се поради недостиг на податоци во тоа време и дека не се базираат на конкретно откритие.

Но, овој конкретен дел од извештајот за токсичноста, се однесува на тоа што беше познато за вакцините пред речиси две години, кога тие за првпат беа пласирани и пред да станат достапни дополнителни податоци и истражувања.

Текстот се однесува на Public Assessment Report (PAR) во кој се изнесени нашите сознанија во даденото време кога вакцината беше одобрена (2 декември 2020 година). Оттогаш, нови податоци и сознанија се познати и клинички и од праксата и тие ја поддржуваат обновената препорака за вакцинација на бремените жени и оние кои дојат, изјавиле од Регулаторната агенција за лекови и здравствени производи во Велика Британија за Асошиејтед Прес.

На следниот линк може да се погледне архивираната верзија од истата страница на извештајот за токсичност и да се види дека таа е останата непроменета до денес.

На сите други места, Регулаторната агенција експлицитно нотира дека вакцините против ковид-19, вклучително и таа на Фајзер, се безбедни за бремените жени и за доилките.

Доктор Викторија Мејл, професорка по репродуктивна имунологија на Империјал колеџ во Лондон, вели дека забуната потекнува од обновените документи на Фајзер од 16 август. Но, тие промени направени на 16 август се однесувале на бустер дозите.

Мејл додава дека британските совети за вакцинација на бремените жени и доилките не се променети.

Од април 2021 година, британската влада почна да нуди вакцини за бремените жени. Од декември 2021 година, бременоста се смета за приоритетна состојба за вакцинација бидејќи знаеме дека инфекцијата од ковид за време на бременоста може да предизвика новороденчињата да се родат мртви или предвремено и знаеме дека вакцинацијата штити од ова и дека е безбедна во бременоста, изјави професорката за Асошиејтед Прес.

И од британскиот Оддел за здравје и социјална заштита потврдиле за агенцијата дека советот за бремените жени и за доилките е да примат вакцина против ковид-19. Комитетот за вакцинација на Велика Британија минатиот месец препорача бремените жени кои претходно се вакцинирале да примат бустер есенва.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина дека британската влада го отстранува одобрението на мРНК вакцината против ковид-19 за бремени жени и доилки. Одобрението е валидно и понатаму, а делот што се цитира за токсичност во постот што го рецензираме е од 2020 година и не е обновен, иако во меѓувреме клиничката пракса покажа дека вакцините против ковид-19 се безбедни и за бремените жени и за плодот и за доилките.

Од почетокот на вакциналната кампања во повеќе наврати разни лобисти против вакцинацијата изнесуваат дезинформации дека таа предизвикува неплодност, проблеми за плодот и за бремените жени, со цел да ги оттргне луѓето од вакцинацијата. И во С. Македонија, како што Вистиномер веќе има пишувано, Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство препорачува вакцинација на бремените жени и на доилките.