fbpx

Чиста шпекулација е дека вакцинираните со мРНК вакцина ќе починат најдоцна за 4 години

Ваквите објави се штетни и опасни по здравјето на луѓето и се косат со официјалните извештаи на релевантни медицински тела, но и со самите мониторинзи на безбедноста на вакцината кои покажуваат дека користа од вакцините против ковид е далеку поголема од ретките несакани ефекти и ризици од неа, пишува Вистиномер

-

Во објавата што ја рецензираме базирано на шпекулации, без никаков медицински доказ, паушално се изнесува дека вакцинираните со мРНК вакцина против ковид ќе починат за најдоцна 4 години, заедно со уште бројни лаги, веќе дебанкирани дезинформации поврзани со составот на вакцината. Ваквите објави се штетни и опасни по здравјето на луѓето и се косат со официјалните извештаи на релевантни медицински тела, но и со самите мониторинзи на безбедноста на вакцината кои покажуваат дека користа од вакцините против ковид е далеку поголема од ретките несакани ефекти и ризици од неа, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Освен „вакцинираните“ лица со Фајзер, Астра Зенека, Модерна, Џонсон и Џонсон и Спутник, кои што на некој начин се потрудиле да си го прочистат телото од нано чиповите, графен оксид и спајк протеините, како и вистинските верници кои имаат стравопочит кон креаторот, семоќниот создател на сите светови и се придржуваат на неговите упатства за подобро и пофункционално живеење на овој живот како „тест живот“.

Потоа се споделуваат таканаречени „методи за отстранување на спајк протеините и графен оксидот“. Вакцините се нарекуваат „таканаречени“ а ковид-19 се нарекува „наводен“ и се додава дека „вакцинацијата е еден од најголемите злосторства врз човештвото“. Во склоп на објавата се споделува изјава од наводен „онколог и неврохирург од Украина, доктор Рамин Иманов“ кој тврдел дека „сите што ја примиле мРНК вакцината против ковид ќе живеат од 2 недели до 4 години и ни час подолго“.

Вистиномер пронајде фотографии од Рамин Иманов кој очигледно учествувал во протести во Киев на 1 август 2020 година, а кој бил „против вештачката пандемија и медицинскиот терор“.

Проверувачите на факти на Вокс Украина веќе се занимавале со лажните тврдења на Иманов, кој уште во 2020 година тврдел дека ковид е „прскан од авионите“, што го тврди и во објавата што ја рецензираме. Дезинформациите и теориите на заговор на Иманов се често рецензирани во Украина.

Тврдењето на Иманов дека сите што примиле мРНК вакцина против ковид ќе починат за најдоцна 4 години е страшна теорија на заговор, невистина и ширење страв и паника меѓу вакцинираното население, како и обесхрабрување на невакцинираните. Барем една доза ковид вакцина примиле 70,6 проценти од светската популација, а 13,58 милијарди дози се администрирани глобално, додека 8.517 вакцини се даваат секој ден. Доколку имаше навистина таков тренд на вакцини кои предизвикуваат смртни последици, тоа ќе беше забележано уште во фазата на тестирање, а дефинитивно и после администрирањето со оглед на тоа што се работи за голем број на дадени дози.

Фајзеровата вакцина е одобрена и од СЗО и од ЕМА и од американските регулатори за лекови. Таа во сите држави е со ист состав. Во клинички испитувања, 23 илјади луѓе над 12 години ја примија оваа вакцина и клиничките испитувања покажаа дека таа треба да се одобри, нешто што и се случи во САД, а притоа „Фајзер“ доби дозвола за трајна употреба. Од 11 декември 2020 година досега, милиони луѓе ја примија оваа вакцина. Сериозни национални влади ги проверуваат сите до една серии на вакцините за нивната исправност и го контролираат квалитетот, а проверките ги врши и самиот производител „Фајзер“.

„Медикал Њуз Тудеј“ објави студија во ноември 2021 година, според која стапката на смртност од ковид-19 е значително помала кај оние кои се вакцинирани со двете дози, во споредба со оние кои се вакцинирани со една доза или воопшто не се вакцинирани. Ова го соопшти и британското национално биро за статистика (ONS).

Резултатите покажале дека во периодот од 2 јануари до 21 септември 2021 година, стапката на смртност кај невакцинираните била 849,7 на 100.000 жители, а меѓу вакцинираните со две дози, стапката била само 26,2 на 100.000 луѓе. За оние кои биле вакцинирани со една доза, стапката била 105,3.

Ова се убедливо најдобрите достапни податоци за ефикасноста на вакцините и спречување на најтешките исходи од Ковидизјавил д-р Питер Инглиш, поранешен советник на националното тело за контрола на заразни болести, додавајќи дека вакцините не се стопроцентно ефективни, па некои луѓе ќе починат иако се вакцинирани.

Но, важна порака од ова истражување е дека вакцината е многу ефикасна против смрт од ковид-19. Имате 32 пати помали шанси да умрете од ефектите на ковид-19 ако сте вакцинирани, а една доза ви дава одредено ниво на заштита, иако не како две дози, истакнува тој.

Вакцините против ковид-19 беа предмет на испитување и ќе продолжат да бидат предмет на најинтензивно мониторирање на безбедноста. Доказите од стотици милиони вакцини против ковид-19 кои веќе се администрирани во САД и милијардите вакцини администрирани глобално, покажуваат дека тие се безбедни и ефективни, пишува на сајтот на ЦДЦ.

Како што веќе пишуваше Вистиномер во вакцините на „Фајзер“ нема графен оксид, па затоа не е потребно ни да се чисти тој од организмот, како што се сугерира во објавата што ја рецензираме.

„Вистиномер“ веќе има пишувано и за тоа дека вакцините против ковид-19 не содржат никакви чипови.

Првиот доказ за ова е дозата на вакцината. Таа е помала од еден милилитар! Стандардната доза на „Фајзер“ содржи 0.3 милилитри. Тоа не е доволен волумен во кој би можел да се вметне микрочип, дури и кога некој би посакал да направи такво нешто. Ова го потврдиле и проверувачи на факти од Австралија кои се занимавале со ова прашање.

Интерната димензија на иглата е 0.3 милиметри. Чипот би морал да е фракција од ова, за да се спречи да се заглави. Мислам дека не е можно, а особено зашто би морало да биде вграден и трансмитер. За микрочипот да може да помине низ оваа игла со која се врши вакцинацијата, би морал да биде помал од десет илјадинки од милиметар, пишуваат проверувачи на факти од Австралија.

Експертите велат дека не постои никаква можност во содржината на вакцината да се вметне технолошки материјал.

Доктор Вилбур Чен, експерт за инфективни болести во Центарот за развој на вакцини и јавно здравје во Универзитетот во Мериленд, за Политифакт изјави дека идејата за една вакцина која содржи РДИФ технологија е апсурдна.

И најмалата верзија на микрочипови е преголема за да може да помине низ иглата на вакцината. Микрочиповите кои обично се употребуваат за лоцирање на домашните миленичиња се со големина на едно зрно ориз. Ниту една од иглите кои се употребуваат за вакцинација нема толкав дијаметар за да овозможи внесување во телото на еден чип, макар и со големина на зрно ориз, вели доктор Вилбур Чен.

Медицинските професионалци веќе за Вистиномер потврдија дека спајк протеинот после вакцината не е ист како оној од коронавирусот и дека во вакцините е во многу мала концентрација која е безопасна.

Вакцинацијата е една од најголемите придобивки на современата медицина благодарение на која се спасени милиони животи ширум светот. Придобивките од истата се поголеми од евентуалните ризици.

Вакцините против ковид кои се одобрени за употреба во ЕУ се безбедни и ефективни и повеќе од 1 милијарда дози се администрирани во ЕУ. ЕМА и земјите членки на ЕУ продолжуваат блиску да ја мониторираат безбедноста на вакцините против ковид, пишува на сајтот на Европската агенција за лекови.

Во објавата што ја рецензираме базирано на шпекулации, без никаков медицински доказ, паушално се изнесува дека вакцинираните со мРНК вакцина против ковид ќе починат за најдоцна 4 години, заедно со уште бројни лаги, веќе дебанкирани дезинформации поврзани со составот на вакцината. Ваквите објави се штетни и опасни по здравјето на луѓето и се косат со официјалните извештаи на  релевантни медицински тела, но и со самите мониторинзи на безбедноста на вакцината кои покажуваат дека користа од вакцините против ковид е далеку поголема од ретките несакани ефекти и ризици од неа.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Очајна екипираност – во просек еден обвинител има по 180 нови предмети годишно

Во просек, на годишно ниво секој јавен обвинител од основно обвинителство работел на по околу 180 нови предмети, покажува Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2023 година...