fbpx

Финансиската директорка на „Астра Зенека“ не изјавила дека вакцините се смртоносни

„Вистиномер“ го пронајде оригиналното интервју (дадено е од доктор Арадана Сарин, главна финансиска директорка на Астра Зенека) и од него е евидентно дека коментарите кои ги дава сајтот pronews.gr и кои ги атрибуира на Сарин, се неточни, односно таа воопшто не ги изговара во интервјуто

-

„Вистиномер“ го пронајде оригиналното интервју (дадено е од доктор Арадана Сарин, главна финансиска директорка на Астра Зенека) и од него е евидентно дека коментарите кои ги дава сајтот pronews.gr и кои ги атрибуира на Сарин, се неточни, односно таа воопшто не ги изговара во интервјуто. Медиумот очигледно ѝ додава зборови на говорничката, кога го пренесува нејзиното интервју дадено за американскиот медиум CNBC. Истата дезинформација е пренесена и на српски извори, а таму таа е атрибуирана на сајтот pronews.gr, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме објавa на социјалната мрежа Фејсбук, пренесена и овде и овде, во кои пишува:

Главната финансиска директорка на Астра Зенека Арадана Шарин, за време на интервју призна дека вакцините против ковид се смртоносни.

Во текстот односно во содржината на написот се цитира наводно интервју кое го пренел грчкиот медиум pronews.gr, а според кое „таа признала дека вакцините се смртоносни“, потоа додала дека „не е нивна работа да се занимаваат со вакцините против ковид“ и сето тоа е ставено во контекст дека оваа вакцина која била дадена во 2.5 милиони дози во Грција, била со штетни последици со судски процеси кои биле покренати поради наводните несакани ефекти.

„Вистиномер“ го пронајде оригиналното интервју (дадено е од доктор Арадана Сарин, главна финансиска директорка на Астра Зенека) и од него е евидентно дека коментарите кои ги дава сајтот pronews.gr и кои ги атрибуира на Сарин, се неточни, односно таа воопшто не ги изговара во интервјуто. Медиумот очигледно ѝ додава зборови на говорничката, кога го пренесува нејзиното интервју дадено за американскиот медиум CNBC. Истата дезинформација е пренесена и на српски извори, а таму таа е атрибуирана на сајтот pronews.gr.

Како што може да се види од оригиналното видео, воопшто не е точно дека директорката доктор Сарин, признала дека вакцините против ковид 19 се смртоносни, или, пак, дека рекла оти не било нивна работа да ги произведуваат во контекстот кој ѝ е импутиран во објавата што ја рецензираме.

Таа во интервјуто зборува за идните планови на фармацевтската компанија „Астра Зенека“, односно за областите кои планираат да ги таргетираат во здравствениот фармацевтски сектор. Сарин вели дека главен фокус за „Астра Зенека“ ќе бидат таргетираните производи за онколошки болести. Понатаму вели дека „Астра Зенека“ ќе ги трансформира областите во кои работи, што го покажуваат и инвестициите кои се насочени кон приоритетите, а тие се свртени кон онколошките препарати. Споменува и производствен објект во Сингапур кој работи на технологија која надежно во иднина ќе ја замени хемотерапијата.

Таа во еден момент (после 3-та минути и 8 секунди) добива прашање од новинарот дали е загрижена (таа или компанијата Астра Зенека) за новите варијанти на ковид 19.

За нас ова е пост-ковид период. Во пандемијата доставувавме вакцини против ковид, повеќе од причина што се работеше за јавно-здравствена опасност. Не беше тоа областа карактеристична за нас, нашата област отсекогаш е онкологијата, лековите за кардиоваскуларни болести, реналните болести, респираторните лекови и тоа е нашиот денешен фокус (завршува изјавата на 3 минута и 38 секунда од видеото).

Тоа е единствениот пат во интервјуто кога Сарин зборува за ковид 19 и кога ги споменува вакцините, но воопшто не е ниту прашана за „смртноста“, ниту пак дава коментар за истата.

Во текстот на грчкиот медиум, пак, кој е пренесен на македонски во објавите што ги рецензираме, се додаваат коментари кои што во интервјуто ги нема, односно се измислуваат делови кои таа ги нема изјавено, како, на пример, дека „вакцината е смртоносна“ и дека „не е наша работа да се занимаваме со вакцините против ковид“. Кога ќе се погледне целото оригинално интервју, се доаѓа до заклучокот дека Сарин објаснува оти областа на која ќе се фокусира Астра Зенека во наредниот период е претежно онкологијата, а дека ковид пандемијата е зад нив (дека е пост-ковид ера). Таа во интервјуто посочува во една смисла дека – доколку пандемијата со ковид 19 не би била јавно-здравствена опасност како што беше, тогаш Астра Зенека не би се ни се вклучила во производството на вакцини против Ковид-19, но сега, кога пандемијата е завршена, фокусот на областите се други.

Инаку, Астра Зенека ја повлече својата вакцина против Ковид-19 од пазарот, но не зашто е смртоносна, туку од комерцијални, економски причини, односно, бидејќи нема доволно голема побарувачка за неа.

После администрирани повеќе од три милијарди дози, вакцината против ковид на Астра Зенека се повлекува од пазарот. Од компанијата велат дека се неверојатно горди на вакцината, но оваа одлука е комерцијална поради тоа што, откако се појавија новите варијанти на ковид-19, побарувачката се пренасочи кон новите апдејтирани вакцини, а не кон нивната.

Вакцината на „АстраЗенека“ спаси милиони животи за време на пандемијата, но предизвика и ретки, понекогаш фатални згрутчувања на крвта. Во трката да се ослободи светот од затворања и ограничувања на движењето, ковид вакцината беше создадена од научниците во рекордно време на Универзитетот Оксфорд. Процес кој вообичаено одзема 10 години, заврши за 10 месеци, пишува Би Би Си.

Вистиномер веќе објави дека повлекувањето на вакцината против Ковид-19 на Астра Зенека, не е поврзано со некакви несакани ефекти туку поради комерцијални причини.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина оти главната финансиска директорка на Астра Зенека изјавила дека вакцините се смртоносни.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Владимир Путин во посета на Виетнам

Рускиот претседател Владимир Путин пристигна во Виетнам, каде ќе се сретне со лидерите на владејачката Комунистичка партија. Со оваа посета, рускиот претседател ја завршува својата кратка тура на официјални...