Надлежните признаа пропусти во полагањето англиски јазик од државната матура

Иако тестот не им бил достапен на учениците пред полагањето, односно истиот е споделен меѓу матурантите преку апликација за електронска комуникација за време на самото полагање, сепак, тоа е пропуст кој никако не требало да се случи и повлекува соодветна одговорност, велат од МОН

Фото: Мета.мк

Да се лоцира одговорноста за пропустот при полагањето на вториот екстерен испит од државната матура, побараа денеска надлежните во Министерството за образование и наука (МОН), откако на полагањето на вториот испит во саботата, некои медиуми објавија дека е пробиен тестот.

Надлежните во Државниот испитен центар (ДИЦ) демантираа и кажаа дека тестот не бил пробиен, туку дека прашањата биле споделени откако започнал испитот.

„МОН се обрати до ДИЦ како надлежна институција за организирање на државната матура, за да ја лоцираме одговорноста меѓу учесниците во спроведувањето на процесот, во врска со направениот пропуст. Иако тестот не им бил достапен на учениците пред полагањето, односно истиот е споделен меѓу матурантите преку апликација за електронска комуникација за време на самото полагање, сепак, тоа е пропуст кој никако не требало да се случи и повлекува соодветна одговорност“, наведено е во соопштението од МОН, без притоа да прецизираат каков вид одговорност ќе има и дали можеби ќе следуваат разрешувања.

Надлежните во МОН побарале од оваа година полагањето на испитите да се спроведува во поголеми простории во училиштата, како на пример во училишните сали и холови. Ова прашање се актуелизира откако Мета пишуваше за оваа идеја минатата година, нешто што би требало да обезбеди поголема објективност во резултатите.

„Во тие простории би биле сместени сите матуранти кои се пријавени за полагање државна матура и со присуство на повеќе тестатори и набљудувачи. Но, поради случувањата во ДИЦ, штрајкот на вработените непосредно пред датумите за спроведување на државната матура, истите не се случија. Очекуваме промените да се иплементираат во следната учебна година, со што ќе се намалат ризиците од можни нерегуларности кои би ја довеле во прашање веродостојноста на резултатите“, наведено е во соопштението во МОН.

Во саботата, на 10 јуни матурантите го полагаа вториот задолжителен екстерен предмет од државната матура. Тие имаа право да изберат меѓу странски јазик и математика. Англиски полагаа 13.922 матуранти, а математика полагаа 1.397 ученици. Непосредно пред испитот, на вибер групи беше споделуван допис испратен од Испитниот центар, во кој пишува дека тестаторите мораат да ја спроведуваат матурата согласно правилата оти во спротивно, неправилностите ДИЦ ќе ги презентира пред надлежните тела.

Мета.мк во саботата стапи во контакт со директорката на ДИЦ, Благица Павловска, која потврди дека ваков допис навистина е испратен до училиштата, но кажа дека нема контстирани неправилности, туку дека така пишувало за да ги заплашат учениците за да нема препишувања.

Инаку, минатата година, поранешната директорка на ДИЦ, Елизабета Наумовска, за Мета.мк изјави дека надлежните констатирале многу препишувања од интернет на испитот по англиски јазик.

„Констатиравме дека на испитот по англиски јазик има многу препишувања од интернет, односно учениците со своите смартфони пребарувале текстови и истите го пренесувале во тестот. Во Демир Хисар, сите се познаваат. Кога еден тестатор ги чува учениците, многу е веројатно дека ќе дозволи да се препишува. Токму затоа е потребно поинаку да се организира полагањето за да се сведат на минимум препишувањата“, рече тогаш Наумовска.

Во меѓувреме стаса соопштение од Синдикалната организација на ДИЦ, чии членови се во штрајк (кој сега е во мирување), од каде што демантираат дека матурата не се полага во спортски сали поради штрајкот во ДИЦ.

„Обидот на министерот, односно на МОН да ја префрлат одговорноста на вработените на ДИЦ и на штрајкот за нерегуларностите во спроведувањето е само избегнување на сопствената одговорност за настаните. Ве известуваме дека изјавата на министерот во врска со причините за неполагање на државната матура во големи простории е лага“, наведено е во соопштението на ДИЦ.

Оттаму потенцираат дека за матурата да се спроведува во сали или да се обезбедат блокатори (интернет и телефонските мрежи) во училиштата, барале уште одамна, но досега не добиле дозвола за тоа.

„И без штрајк ќе постоеја вибер групи и немаше испитите да се спроведат во големи простории. Затоа, министре, покажете доблест, но пред сè лична одговорност и не се кријте зад штрајкот“, се додава во соопштението.