За да нема препишување, се предлага државна матура да се полага во спортски сали

Фото: Taylor Wilcox on Unsplash

Директорката на Државнито испитен центар, Елизабета Наумовска предлага екстерните испити од државната матура в година да се полагаат во спортски сали и во амфитеатри за да може максимално да се намали можноста за препишување. Таа за Мета вели дека на тој начин целиот процес ќе биде потранспарентен и пообјективен.

„Речиси секое училиште има спортска сала. Во некои поголеми општини има и универзитети, па може и во нивните амфитеатри да се полага испитот на зрелоста. Наместо еден човек да ги чува, ќе има повеќе тестатори кои нема да дозволат да се препишува, а учениците ќе можат самостојно да го работат тестот. Ова се прави вака и во други земји“, вели Наумовска.

Во врска со тоа дали на овој начин се полага државна матура во некои од развиените земји, таа појасни дека ова се практикува и во други образовни системи.

„Во Финска матурите почнуваат уште втора половина на март, но тие имаат повеќе екстерни предмети. Таму сите ученици влегуваат во една голема просторија во која има блокатор за Интернет за да се оневозможи комуникација со надвор. Нашата држава нема пари за блокатори, ние сѐ уште имаме нереконструирани тоалети. Тоа е скапа инвестиција, но можеме да ги користиме амфитеатрите на оние факултети кои самостојно си обезбедиле блокатори. Целта е, со полагањето во спортска сала или во  амфитеатар, да дојде до израз вистинското знаење на учениците“, појаснува директорката.

Во меѓувреме, се подготвува нов концепт за полагање државниот матурски испит. Испитот ќе биде различен во средното стручно образование и во гимназиите, а нема да биде унифициран како што е сега. Целта на надлежните е да има поразлична матура за гимназиско образование, а таа да биде поинаква и за уметничките училишта, како и за стручните училишта.

„Сите ученици сега исто полагаат, и оние што имаат три часа математика неделно и оние кои имаат по два часа неделно. Содржините и темите, целите не се исти. Новиот концепт треба да го одобри министерот“, додава директорката.