Вкупно 13.922 матуранти во земјава денеска полагаат англиски јазик, како задолжителен предмет од полагањето државна матура. Многу помал е бројот на кандидати кои се пријавиле за полагање на останатите странски јазици, а математика избрале да полагаат 1.397 ученици.
Деновиве меѓу учениците и професорите, се споделува допис испратен од Државниот испитен центар (ДИЦ), во кој пишува дека тестаторите мораат да ја спроведуваат матурата согласно правилата оти во спротивно, неправилностите ДИЦ ќе ги презентира пред надлежните тела.
Мета.мк стапи во контакт со директорката на ДИЦ, Благица Павловска, која потврди дека ваков допис навистина е испратен до училиштата.
„Само апелираме на професионалност во спроведувањето на матурата. Ако има препишување на испитот по англиски јазик, се казнува со нула поени, а со оглед на тоа дека лесно се фаќаат преписи, ќе има многу нули. Поентата е децата да го одговараат тоа што го знаат“, вели Павловска за Мета.
На прашањето, дали и какви неправилности ДИЦ нотирал од полагањето на 27 мај, таа негираше дека има неправилности, односно кажа дека кога би имало, истите би биле нотирани на писмено од набљудувачите.
Инаку, минатата година, поранешната директорка на ДИЦ, Елизабета Наумовска, за Мета.мк во изјава кажа дека надлежните констатирале многу преписи од Интернет на испитот по англиски јазик.
„Констатиравме дека на испитот по англиски јазик има многу преписи од Интернет, односно учениците со своите смартфони пребарувале текстови и истите го пренесувале во тестот. Во Демир Хисар, сите се познаваат. Кога еден тестатор ги чува учениците, многу е веројатно дека ќе дозволи да се препишува. Токму затоа е потребно поинаку да се организира полагањето за да се сведат на минимум препишувањата“, рече тогаш Наумовска.
Оваа учебна година за полагање државна матура се пријавиле вкупно 15.620 ученици, од кои 6.750 се од гимназиско образование, 8.598 се од средно стручно образование, а 272 се од уметничко образование. Мајчин јазик се полагаше на 27 мај. Во процесот на реализација на матурата се ангажирани 2.107 наставници како тестатори и околу 200 набљудувачи од повеќе образовни институции.
Државната матура е услов за упис на факултет.