Тестовите од државната матура подготвени од Државниот испитен центар (ДИЦ) не се пробиени, туку прашањата се споделени откако испитот започнал, соопшти попладнево ДИЦ. Нивната реакција следува откако повеќе медиуми денеска објавија оти наводно тестовите по англиски јазик од испитот на зрелоста биле „пробиени“ и споделени во групи на апликацијата Вибер.
„Должност и обврска на ДИЦ е да ја спроведе матурата со подготовка на тестовите и нивна дистрибуција до училиштата. Тој процес е најпрофесионално извршен од ДИЦ. Тестови не се пробиени до 10 часот кога и започнува тестирањето, тестови се споделени во рамките на Вибер групите од страна на членовите откако започна реализацијата на испитот. Државниот испитен центар нагласува уште еднаш ТЕСТОТ НЕ Е ПРОБИЕН, туку е споделен откако е започната реализацијата на испитот“, се вели во демантот на Државниот испитен центар.
Оттаму велат дека ќе постапат согласно законските надлежности со сите матуранти што ги нарушиле правилата.
„Државниот испитен центар апелираше до сите матуранти и до сите останати вклучени во реализацијата на државната матура да се почитуваат правилата за изведување на државната матура. Државниот испитен центар ќе постапи согласно законските и подзаконските акти за сите матуранти доколку ги нарушиле правилата за реализација на испитите согласно законските и подзаконските акти“, додаваат од ДИЦ.
Матурантите денеска го полагаат вториот екстерен испит од државната матура, кој е изборен. Учениците во завршните години од средното образование можеа да изберат да полагаат математика, естетика и филозофија, или пак еден од јазиците англиски, француски, германски и руски.
Вкупно 13.922 матуранти денеска полагале англиски јазик, додека многу помал е бројот на кандидати кои се пријавиле за полагање на останатите странски јазици. Математика, пак, избрале да полагаат 1.397 ученици.
Мета.мк веќе објави дека деновиве меѓу учениците и професорите се споделува допис испратен од Државниот испитен центар (ДИЦ), во кој пишува дека тестаторите мораат да ја спроведуваат матурата согласно правилата, оти во спротивно, неправилностите ДИЦ ќе ги презентира пред надлежните тела.
Директорката на ДИЦ, Благица Павловска за Мета потврди дека ваков допис навистина е испратен до училиштата.
„Само апелираме на професионалност во спроведувањето на матурата. Ако има препишување на испитот по англиски јазик, се казнува со нула поени, а со оглед на тоа дека лесно се фаќаат преписи, ќе има многу нули. Поентата е децата да го одговараат тоа што го знаат“, рече Павловска за Мета.
На прашањето, дали и какви неправилности ДИЦ нотирал од полагањето на 27 мај, таа негираше дека има неправилности, односно кажа дека кога би имало, истите би биле нотирани на писмено од набљудувачите.