Амбасадата на САД донираше Центар за трансплантација на хематопоетски матични клетки, кој се наоѓа на Клиниката за хематологија, а кој денеска беше свечено пуштен во употреба. На настанот се обратија директорката на Клиниката за хематологија д-р Ирина Пановска Ставридис, министерот за здравство Фатмир Меџити, министерката за одбрана Славјанка Петровска, првиот заменик на претседателот на Владата Артан Груби, како и Ерик Мејер, заменик шеф на мисијата на САД во земјава.
„Отсега воведуваме највисоки светски стандарди за лекување на најтешките хематолошки заболувања. Станавме регионален центар за трансплантација, кој освен за осигурениците на Македонија, има капацитет да лекува пациенти и од Црна Гора, Албанија, Косово, Босна и херцеговина, земји во кои овие интервенции не се достапни. Ќе има 30 нови вработувања на медицински кадар“, кажа директорката Пановска Ставридис.
Трансплантацијата на хематопоетски матични клетки е најсложена интервенција на хуманата медицина при која клетките на пациентот се заменуваат со матични клетки на здрав донор, со помош на што се лечат најтешките малигни хематолошки заболувања.
„Од 2018 до денес извршени се 320 трансплантации, а од денес оваа бројка очекуваме да се зголеми за многу повеќе. Новиот центар за трансплантација ќе биде симбол за враќање на довербата во јавното здравство“, додаде директорката.
Ерик Мејер, заменик шефот на мисијата на САД во Македонија, информираше дека овој проект траел три години.
„Владата на САД донираше еден милион долари за ова реновирање. Во послените три години во здравствениот сектор во Македонија, САД донираше 6 милиони долари, и тоа вклучува медицинска опрема и други работи кои им помагаат директно на граѓаните на Македонија“, рече Мејер.
Тој кажа и дека во последните 10 години САД донирале околу 15 милиони долари, преку други програми, поврзани со борба против корупција, реновирање училишта, болници.
„Ова е рефлексија на посветеноста на САД кон Македонија и луѓето во Македонија. Горди сме што сме ваши партнери. Ние сме подобри кога сме заедно“, рече Мејер.
Груби истакна дека потребите се огромни за нашето здравство и затоа смета дека приоритет на новата Влада после 8 мај треба да биде изградбата на новиот Клинички центар оти е тоа потреба на сите граѓани.
Министерот Меџити кажа дека со овој Центар им се обезбедува на пациентите лекување со современи методи и овозможува Клиниката да служи не само на јавното здравство, туку и во поширокиот регион.
„Годишно ќе бидат лекувани 60 пациенти од земјава и 15 лица од соседните земји“, рече тој.
Министерката Петровска, пак, потсети дека регионалниот центар, добил поддршка од европската команда од Армијата на САД која со донација од 1 милион долари, но и со државни пари, овозможена е реализацијата на овој капитален проект во здравството.
Директорката Пановска-Ставридис апелираше до граѓаните да станат крводарители.
„Во Хрватска има 70.000 илјади доброволни дарители, кај нас има само 5.000. Ги повикувам граѓаните да дојдат на Институтот за имунологија, само една епрувета крв и стануваат потенцијални спасувачи на живот“, рече таа.