fbpx

Нашите политичари со безгрешни души

Ниту Ахмети, ниту Џафери, ниту кој било друг функционер од ДУИ, не се извини поради тоа што во тој еуфоричен момент го прекршиле Законот за заштита од пушењето, со кој се забранува пушење во затворен простор.

-

За разлика од евроамбасадорот Дејвид Гир кој призна дека погрешил што со лидерот на ДУИ се сретнал во кабинетот на првиот вицепремиер, Артан Груби, Ахмети не чувствува непријатност и не ѝ се извини на јавноста за тоа што својот гостин не го пречекал во седиштето на ДУИ во Мала Речица. Зошто ваквите гестови на коректно, културно и цивилизирано однесување, им се непознати на нашите домашни политичари? Толку ли е тешко да се биде доблесен и да се признае кога ќе се погреши или, можеби, овдешните политичари се безгрешни? Инаку, во истиот кабинет Груби играше и фудбал, а Ахмети таму славеше роденден со песна и жива музика. Ахмети со песна  го прослави и изборот на Талат Џафери за технички премиер, а на некои од снимките  од прославата во собранискиот кабинет јасно се гледа дека дел од присутните пушат, меѓу кои и „Ајнштајн“ од Форино, како што го опиша Џафери неговиот брат Нешат, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Евроамбасадорот Дејвид Гир деновиве кажа дека направил грешка кога пред два месеца се сретнал со лидерот на ДУИ, Али Ахмети во просториите на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.

Понекогаш се прават грешки. Јас самиот не требаше да присуствувам на состанок со политички партии во министерство. Министерствата се места каде се водат државни работи. Тоа беше грешка, требаше подобро да постапам, им рече Гир на новинарите и на некој начин се извини за својата постапка.

Ваквиот потег на евроамбасадорот е несомнено за секоја пофалба.

Прашањето е зошто ваквите гестови на коректно, културно и цивилизирано однесување, им се непознати на нашите домашни политичари? Толку ли е тешко да се биде доблесен и да се признае кога ќе се погреши? Оти нели, грешки се прават – некогаш свесно, некогаш несвесно, и никому нема да му падне „круната“ ако се извини.

Или, можеби овдешните политичари се безгрешни?! Не, нималку не се такви чисти безгрешни души.

Примери за тоа има повеќе, но да не се навраќаме многу наназад, да ги земеме последните случаи поврзани со врвот на ДУИ, меѓу другото  и поради тоа што средбата (13,12,2023) за која говори Гир чувствува непријатност поради локацијата на која се одржала, беше со првиот човек на интегративците. Арно ама, за разлика од евроамбасадорот, не слушнавме дека Ахмети ѝ се извинил на јавноста за тоа што својот гостин не го пречекал во седиштето на ДУИ во Мала Речица, туку во кабинетот на првиот вицепремиер, неговиот сопартиец Артан Груби.

За оваа средба, на која патем се разговарало за претстојните претседателски и парламентарни избори,  пратијата на Ахмети објави на својата веб-страница соопштение и фотографии, од кои фактички јавноста разбра дека состанокот не се одржал во партиското седиште.

Антикорупциската комисија, инаку неколкупати реагираше за злоупотреба на службените возила и на просториите на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците во партиски цели. Антикорупционерите  бараа и одговорност од Груби поради кршење на Етичкиот кодекс на функционерите, што пак, е во надлежност на вицепремиерката за борба против корупција, Славица Грковска, ама тој помина само со опомена. Тогаш Груби, шефот на дипломатијата Бујар Османи и поранешниот министр за животна средина, Насер Нуредини, добија опомени од Грковска поради користење службени возила за партиски цели.

Груби, пак, е познат по тоа што отворено ја критикуваше Антикорупциската корупција, се сомневаше во капацитетите на досегашниот состав и со доза на потсмев кажуваше  дека „не ги бивало“.

Да спомнеме и тоа дека минатата пролет јавноста се скандализираше од постапката на Груби кој играше фудбал во неговиот министерски кабинет. Самиот Груби на Фејсбук се двапати пофали дека во неговата канцеларија се играло фудбал, првиот пат со министрите  Бујар Османи, Крешник Бектеши, Јетон Шаќири, Фатмир Бесими и Насер Нуредини и вториот пат со Александар Сорос, синот на Џорџ Сорос,

Дрим тим 
По долг и предизвикувачки ден, антистрес за да го одбележи заедничкиот успех.
Денес е голем ден,
 напиша Груби во описот на објавата од 7 март 2023 година, а од овој „настан“ тој на Фејсбук објави и видео.

Пријателски разговор околу актуелната политичка ситуација, европската перспектива на земјата и целиот регион со американскиот филантроп и Претседател на Фондацијата “Отворено општество“, г-дин Александар Сорос,  стои во објавата на Груби од 13 март 2023 година.

Додека јавноста реагираше поради ваквото невкусно и неодговорно однесување на владините службеници, самиот Груби не виде ништо спорно, а реакциите ги оцени како хистерични:

Не гледам ништо неморално и неетички, едноставно шутираваме, си игравме малку фудбал, пет минути, и баскет. Зошто да не играме внатре? На мало голче игравме фудбал, во тоа не гледаме ништо спорно“…Сме станале општество на хистерични реакции за сè и сешто.

Но, тоа не е сè. Во кабинетот на Груби се славеа и родендени, неодамна и Ахмети таму го прослави  својот 65 роденден со песна и жива музика, за што Груби објави видео на Фејсбук на кое се гледа како и самиот Ахмети пее.

 

Ретки се луѓето кои ја следат историјата и кои ја пишуваат историјата градејќи ја иднината. Го поздравуваме последниот преродбеник, на чело на нацијата, секогаш на вистинскиот пат! Али Ахмети со сè што е свето за албанството на неговите плеќи, денеска полни 65 години, напиша Груби на Фејсбук.

Ахмети со песна го прослави и изборот на Талат Џафери за технички премиер. Славењето со пури, виски, музика, но и со кравати на кои пишува „премиер Албанец“ 28.01.2024,  беше во собранискиот кабинет на Ахмети. На социјалните мрежи беа објавени повеќе видеа од прославата во Собранието, а видеозапис на Фејсбук објави и Груби, кој во описот на видеото напиша:

Многу емоции, пријатели. Али Ахмети пее за Калош Дани.

 

На некои од снимките јасно се гледа дека дел од присутните пушат во затворен простор, меѓу кои и „Ајнштајн“ од Форино, како што го опиша Талат Џафери неговиот брат Нешат.

Има големо искуство и многу работи. И да дојде по полноќ, не одмора, прво ќе чита нешто, а има коефициент на Ајнштајн, можеби и поголем, го пофали Нешат својот брат Талат во изјава за косовската телевизија „Клан“.

Сепак, ниту Ахмети, ниту Џафери, ниту кој било друг функционер од ДУИ, не се извини поради тоа што во тој еуфоричен момент го прекршиле Законот за заштита од пушењето, со кој се забранува пушење во затворен простор.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...