fbpx

Абази: Бараме од Владата да ја субвенционира Поштата на С. Македонија

Поштата на Северна Македонија која е во сопственост на државата со години функционира со проблеми, не само од финансиски аспект, туку и од аспект на поштенските услуги, а граѓаните постојано се жалат за доцнењето во испораката на писмата и на нивните пратки

-

Поштата на Северна Македонија троши повеќе отколку што заработува. Ова се гледа и од податоците на самата Пошта, според кои во 2022 година е регистрирана загуба од 4 милиони евра, а во 2023 година повеќе од 1,7 милиони евра. Директорката на Поштата на Северна Македонија, Бујаре Абази, вели дека овој минус треба да го субвенционира Владата, бидејќи поштата е во сопственост на државата. Од друга страна, се чека да се види дали Министерството за транспорт и врски ќе одлучи да ѝ помогне на институцијата, пишува Порталб.мк. 

Поштата на Северна Македонија која е во сопственост на државата со години функционира со проблеми, не само од финансиски аспект, туку и од аспект на поштенските услуги, а граѓаните постојано се жалат за доцнењето во испораката на писмата и на нивните пратки.

Порталб.мк разговараше со директорката на Пошта на Северна Македонија, Бујаре Абази, која ги раскажа за проблемите на оваа институција, чекорите кои тие ги преземаат и за моменталната состојба на Поштата на Северна Македонија.

Директорката Абази на функцијата директор на Поштата на Северна Македонија дојде во март 2023 година, по разрешувањето на Васко Стефанов. Според Абази, кога таа била назначена на оваа функција, Поштата веќе имала големи долгови, и таа до мај 2023 година успеала да исплати долгови во износ од 4,2 милиони евра.

Според Абази, еден од проблемите со кои се соочува Поштата од минатата година е тоа што Владата не ја субвенционирала Пошта, иако таа како институција е во државна сопственост. Абази информираше дека се во преговори со Владата за субвенционирање на Поштата и во моментов се очекува Министерството за транспорт и врски да одлучи дали ќе го прифати барањето за субвенционирање.

„Останува Министерството за транспорт и врски да одлучи дали Владата ќе ја субвенционира Поштата на Северна Македонија, бидејќи имаа неколку забелешки“, информираат од Пошта.

Директорката Абази за Порталб.мк достави и податоци за финансиската состојба на Поштата за 2022 и 2023 година. Приходите на Поштата на Северна Македонија во 2022 година достигнале вредност од околу 13 милиони евра, додека пак приходите за 2023 година се над 14,2 милиони евра.

Што се однесува до трошоците, таа рече дека се обиделе да ги намалат колку што можат, но нагласи дека трошоците на Поштата се од оние елементарните, како за струја, така и за плати.

Трошоците во 2022 година достигнале вредност од 16,9 милиони евра, додека пак во 2023 година оваа бројка изнесувала 16 милиони евра, што претставува едно намалување на трошоците за 925.905 евра за разлика од 2022 година.

Директорката нагласи дека кога дошла на оваа функција Поштата веќе имала огромни долгови и дека не може да се очекува за една година да врати сè и да работи без загуби, а и да има добивка. Но, таа нагласи дека од месец мај 2023 година, Поштата на Северна Македонија успеала да ги намали загубите за повеќе од 2,2 милиони евра. Имено, во 2022 година загубите на Поштата изнесувале околу 4 милиони евра, додека пак загубите за 2023 година се над 1,7 милиони евра. За останатиот дел од загубите, се бараат субвенции од Владата.

Иако овие податоци говорат за подобрување на работењето на Поштата на Северна Македонија, директорката рече дека институцијата сè уште се соочува со потешкотии бидејќи е оставена без никаква помош.

Во поштата има вкупно 1.870 редовно вработени кои земаат просечна плата од 26.000 денари.

Што се однесува на недостигот на поштари, Абази информираше дека Поштата има 517 редовни поштари и 207 поштари на договор на дело. Таа потврди дека имало случаи кога поштарите за кратко време откако биле ангажирани ги напуштиле своите работни места бидејќи биле незадоволни од платата.

За реакциите на граѓаните, таа вели дека секоја поштенска единица има свои раководители и дека тие се одговорни за контрола на поштарите во нивниот регион, при што потврди и дека има и злоупотреби.

Потенцирајќи дека е потребно подобро управување и организација од поштенските единици во регионите, Абази нагласи дека е информирана за неодговорноста на поштарите и дека реагирала, но тука е потребно да реагираат и раководителите на поштенските единици во регионите и да ги менаџираат своите вработени.

„Има злоупотреби од страна на вработените, има поштари кои не си ја вршат својата работа, не ги доставуваат писмата или ги фрлаат некаде и не ги доставуваат до одредена адреса. За ова реагирав до раководителите на секоја поштенска единица и до раководителите на поштата во тие региони, но она што го отежнува ова е вработувањето од страна на партијата и политичкиот притисок со кој се соочуваме од луѓето кои се вработени, но кои не ја извршуваат својата работа“, изјави директорката Абази.

Развој кој би ја олеснил работата на поштата, според Абази, е дигитализацијата на Поштата, поточно обезбедувањето на еден механички систем кој би го олеснил организирањето и управувањето со пратките, но и би помогнал да се контролира работата на секоја поштенска единица во земјата.

Абази информираше и дека на поштенските работници планира да им обезбеди униформи.

Од друга страна, последните пет години поштенските услуги што ги врши Поштата бележат пад. Во 2019 година вредноста на поштенските услуги била 584.000 евра, а во 2023 година оваа вредност паднала на 434.000 евра, односно поштенските услуги во последните пет години забележале едно намалување за 150.000 евра.

Поштата на Северна Македонија, која е во државна сопственост, со години работи со загуба. Поради проблемите на Поштата, во 2020 година Владата покрена расправа за нејзина приватизација и за ова Владата ангажираше и компанија за изработка на физибилити студија. Но, оваа студија отвори и други проблеми за поштата, бидејќи поранешниот секретар на Владата на Северна Македонија, Мухамед Зекири, беше обвинет и осуден на две години и шест месеци затвор за злоупотреба на службената положба и овластување, поради тоа што склучил договор за анализа на состојбата на поштата без да ја испочитува постапката за јавни набавки.

Новинар: Афије Шерифи

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...