Ковачевски ја поднесе оставката до Собранието, од утре во оставка е целата влада

Откако оставката на Ковачевски ќе биде констатирана на утрешната седница, тој и и целиот негов кабинет ќе бидат во оставка. На истата седница ќе биде извршен изборот на новиот претседател на Собранието – Јован Митрески од СДСМ

Фото: Влада на РСМ

Премиерот Димитар Ковачевски денеска ја поднесе оставката до Собранието, а се очекува денеска оставка да поднесе и собранискиот спикер Талат Џафери, кој ќе биде технички премиер.

„Сега ќе се видиме со претседателот на Собранието и ќе му посакам успешна процедура до недела, а потоа и успешен негов избор за технички премиер. Џафери е искусен политичар со големо искуство во водењето на Парламентот, а јас имам друго искуство со водење на корпорации, така што стилот на водење на Владата сигурно ќе биде различен. Меѓутоа, државата секако ќе го задржи својот стратешки правец и техничката влада сѐ уште ќе се грижи за граѓаните“, рече Ковачевски.

Откако оставката на Ковачевски ќе биде констатирана на утрешната седница, тој и и целиот негов кабинет ќе бидат во оставка. На истата седница ќе биде извршен изборот на новиот претседател на Собранието – Јован Митрески од СДСМ.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера ги соопшти предлозите на партијата за во техничката влада – адвокатот Панче Тошковски за министер за внатрешни работи, Ѓоко Велковски за труд и социјална политика, технички заменик министер за финансии ќе биде Елена Петрова, која доаѓа од Управата за јавни приходи, технички заменик во МИОА ќе биде Стефан Андоновски, меѓународен секретар во ВМРО-ДПМНЕ, а технички заменик министер во МЗШВ, Мицкоски посочи дека ќе биде Цветан Трипуновски.

До недела на полноќ (28 јануари), земјава треба да добие трета преодна влада која ќе ја предводи Џафери. Техничка Влада се бира сто дена пред парламентарните избори на 8 мај, а две недели претходно, на 24 април, ќе се одржат претседателските избори.