fbpx

МЗЗПР: Минатата година имало 152 несреќи при работа, од кои 25 биле фатални

-

Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) го презентираше годишниот Извештај за несреќи при работа за 2020, според кој минатата година се случиле 152 несреќи, од кои 25 биле фатални. Стапката на смртни случаи при работа во државава изнесува 3,14, односно на секои 100.000 вработени, загинуваат 3 до 4 лица. Стапката е речиси истата како онаа во 2019 година, кога изнесувала 3.13.

„Доколку се земе за споредба Велика Британија, каде стапката изнесува околу 0,5, можеме да констатираме дека во земјава има мошне висока стапка на фатални несреќи при работа. Во изминативе 12 години, откако МЗЗПР води статистика за бројот на повреди и несреќи на работа, евидентирани се над 400 луѓе кои загинале на работните места.  Ако ја додадеме и бројката на повреди, зборуваме за голем национален проблем на кој е неопходно системски да му се пристапи“, истакна Милан Петковски, претседател на МЗЗПР, при презентацијата на Извештајот, а по повод Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, 28 април.

Според Извештајот, најголем број несреќи и смртни случаи на работните места во 2020 година се случиле во Скопје, по што следат Куманово и Кавадарци. А, по дејности, лани најмногу несреќи имало во преработувачката индустрија, градежништвото и јавната управа и одбрана. Потоа, најмногу смртни случаи имало во петок, а повреди во среда. Гледано по месеци, декември бил месецот кога се случиле најголемиот број на случаи со смртни последици.

Податоците за 2020 година покажуваат дека најголем број несреќи се случиле на лица на возраст помеѓу 45-54 години, а и најголем број со фатален исход биле за оваа категорија на возраст. Според пол, смртни случаи исклучиво имало во категоријата мажи.

„Ако се додадат и бројките на заболени или починати од компликации од ковид-19, веќе зборуваме за епидемија од заболувања на работни места. Административците и институциите надлежни за БЗР не смеат да ги игнорираат ваквите поразителни статистики. Потребно е многу повеќе да работиме на креирање на превентивната култура во безбедноста и здравјето при работа, а неопходно е и зајакнување на казнениот систем“, потенцира Петковски.

Во спомен на 25 загинати лица на своите работни места во 2020 година, МЗЗПР засади 25 нови дрвца, со поддршка на ЈП „Паркови и зеленило“ и Институтот за јавно здравје.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ковачевски повика на внатрепартиски избори: Денешниот резултат е разочарувачки, на СДСМ му е зададен тежок удар

Денешниот резултат е разочарувачки, на СДСМ му е зададен тежок удар - не само од граѓаните, туку и од симпатизерите и поддржувачите на партијата, истакна вечерва на прес-конференција претседателот...