Автопат Кичево-Охрид; Извор на фотографија: Фејсбук страница на ЈП за државни патишта

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата изразува загриженост од ниското ниво на транспарентност на процесот со кој Владата на РСМ ја договара изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10.

„Од информациите кои и се достапни на јавноста не може да се утврди оправданост за најавеното склучување на директен договор за реализација на инфраструктурни проекти без да се примени Законот за јавни набавки. За нас како граѓани е исклучително важно целиот процес да биде транспарентен од објавување на оглас до склучување на договорот, да овозможи учество и еднаков третман на сите заинтересирани компании, да обезбеди правна заштита на сите учесници во постапката и секако она што е особено значајно да се овозможи надзор врз целата постапка од страна на надлежните институции, заинтересираната стручна јавност и граѓаните“, се вели во соопштението на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.

Тие посочуваат дека примената на посебно законско решение (lex specialis) е лош начин на управување со капитални инвестиции, бидејќи се оневозможува натпревар помеѓу економските субјекти од земјава и странство и со себе вообичаено носи зголемен ризик од цени повисоки од пазарните.

„Вакви постапки сериозно можат да ги нарушат принципите за добро владеење и да доведат до можни злоупотреби“, велат од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.

Од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата бараат од Владата на Република Северна Македонија да го напушти концептот на директно договарање и планирањето на големите инфраструктурни проекти да го спроведува јавно, а реализацијата на проектите да биде во конкурентна и транспарентна постапка.

Платформата на граѓански организации за борба против корупција е основана на 9 декември 2014 год. Членки на Платформата се 17 организации и тоа: Асоцијацијата за демократски иницијативи, Еуротинк, Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје, Истражувачкиот центар за граѓанско општество, Коалицијата „Сите за правично судење“, КОНЕКТ, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Метаморфозис, МОСТ, Охрид Институт, Транспаренси Интернешнл Македонија, Транспарентност Македонија, Фондацијата Отворено општество – Македонија, Форум ЦСИД, Хелсиншкиот комитет за човекови права, Центарот за граѓански комуникации, Центарот за истражување и креирање политики и Центарот за истражувачко новинарство СКУП.