Може електронски да се аплицира за лични документи, ама за термини подгответе се да кликате стотици пати

Граѓаните мора да кликаат додека случајно не се погоди слободен термин. Зафатените термини на календарот не се означени, а не се означени ниту слободните, па граѓанинот, особено доколку сака да закаже за лични документи електронски ќе треба да се обидува стотина пати, а на секој обид, самиот систем ќе ве упатува телефонски да се јавите за да закажете термин

-

Пред точно една година, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, зборувајќи за целосна дигитализација на процесите, извести дека граѓаните ќе можат по електронски пат да поднесуваат барања за издавање на лична карта и пасош, наместо да закажуваат телефонски.

Фото: Принтскрин, веб-страница на МВР

Тоа и се случи, односно на веб-страницата на МВР навистина може да се закаже електронско вадење нова лична карта, пасош или за возачка дозвола. Сепак, има еден проблем – граѓаните претходно мора да кликаат сè додека случајно не се погоди слободен термин. Зафатените термини на календарот не се означени, а не се означени ниту слободните, па граѓанинот, особено доколку сака да закаже за лични документи електронски во текот на следните два месеца, ќе треба да се обидува стотина пати, а на секој обид, самиот систем ќе ве упатува телефонски да се јавите за да закажете термин. Па дури и тогаш, доколку се решите да закажете телефонски, голема е веројатноста да не добиете одговор или пак да бидете известени дека „претплатникот е недостапен или надвор од мрежно покривање“.

Овој наплив на барања за нови личчни документи, но и стагнација во работата на службите, се случува по одлуката дека до февруари 2024 година сите граѓани треба да си ги сменат личните документи со новото име на државата, Република Северна Македонија. Електронскиот систем, пак е направен така што доколку има премногу граѓани кои бараат термин, речиси невозможно е да го најдат електронски, бидејќи мора да кликаат од датум на датум, од час на час. Во некои делови од денот, веб-страницата и воопшто не работи.

Фото: Принтскрин, МВР

Министерот Спасовски лани информира дека се усвоени законските измени за целосна дигитализација на процесите со цел подобрување на искуството на граѓаните при вадење на лични документи. Но, оттогаш, малку работи се поместени во однос на дигитализацијата, а поголем број работи се поместени во однос на цените на личните документи.

Во март годинава, личната карта од 190 денари поскапе на 310 денари. Пасошот за лицата над 27 години од 1.500 денари стана 2.000 денари, а возачката дозвола од 280 поскапе на 410 денари. За овие пари, првиот термин што може да се добие, најрано, е за два месеца, односно некаде кон средината на септември. Ова, секако, не важи доколку сакате да извадите лични документи по брза постапка – тогаш термини има, но цените се многу повисоки.

„Ние објаснивме дека за 90 проценти се зголемени цените на репроматеријалите и затоа направивме зголемување кое што не е големо, имајќи предвид дека утврдивме два вида на цени. Оние кои ги менуваат пасошите на пет години, значи до 27 години, имаат иста цена на услуги, додека за остатокот имајќи предвид дека е 10 години важечкиот документ, цената е зголемена незначително за да можеме практично да ги остваруваме тие функции“, изјави Спасовски во мај годинава.

Од Министерството за внатрешни работи не одговорија на прашањата на Мета.мк поставени на 14 јули годинава, дали се планира некаква реформа во однос на дигиталните услуги за граѓаните, во делот на закажување лични документи.

Путин му честиташе на Трамп за победата на изборите, го нарече „храбар“

Рускиот претседател Владимир Путин му ја честиташе победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД. За време на широко обраќање на настан во градот Сочи, Путин го нарече...