Античка Грција била цивилизација на јужниот дел на Балканскиот Полуостров, која постоела од 1200 г.п.н.е до 600 г.н.е и била составена од градови-држави познати како полиси. Новинарски текст со (зло)употреба на сатирична статија и дополнет со нивни непроверени тврдења, користи погрешни информации за да креира лажна слика во јавноста, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Во новинарска статија, подоцна споделена и на социјалните мрежи се тврди следното во врска со античка Грција:
Американски историчари признаваат дека ја измислиле Античка Грција во нивните учебници: Оваа држава нема никаква врска со антика, луѓето кои денес живеат во Грција немаат никаква врска со антика туку биле ромеи и раја! Бевме млади и сакавме кариери затоа и го измисливме Хомер
Непрофесионално, дури откако ќе се прочитаат две третини од текстот, наведен е изворот и тоа без конкретен линк до оригиналниот напис. При пребарување на интернет, наидовме на статијата од познатиот портал за сатира The Onion („Кромидот“), која во голем дел е содржана и во написот што го рецензираме. Но, додека написот во The Onion e очигледна сатира, написот што го рецензираме е претставен како сериозна и вистинита сторија, па дури и се додавани и дополнителни историски информации и тврдења со цел да се заокружи целата приказна во насока која им одговарала на авторите на рецензираниот напис, но овој пат без да се наведе никаков извор.
Патем, во сатиричниот напис на The Onion се спомнуваат двајца историчари, меѓу кои и професор со име Џин Хедлбери. Но, историчар и професор со вакво име не може да се најде никаде на интернет.
Како што не може да се најде никаков запис кој говори за одржана прес-конференција во Вашингтон на која се говорело на тема за измислување на античка Грција и познатите личности од тој период од страна на National Geographic Society.
Сето ова покажува дека написот што го рецензираме, кој во голема мера се темели на измислена и сатирична приказна од The Onion, е невистинит.
Во вториот дел од статијата, меѓу тврдењата без извор, главното, кое е предмет на нашата рецензија, гласи:
Сепак, „местото наречено Грција никогаш не постоело, како што го знаеме денес“. Луѓето кои денес живеат во таканаречената Грција се нарекувале „ромеј“ за време на Византиската империја и „раја“ за време на Отоманската империја (освен Арванитите и Чамите кои биле Албанци).
Точно е тоа дека мнозинството од народот што живеел на територијата на денешна Грција се нарекувале Ромеи или Римјани, но се идентификувале и како „Византиски Грци“. Впрочем, ова може да се најде и во научната литература. Како пример, во книгата „Падот на средновековниот хеленизам во Мала Азија и процесот на исламизација од XI до XV век“, издадена во Универзитетот Калифорнија Прес, САД (види стр.59) . Во Османлиската Империја сите христијани биле нарекувани „рум милет“, што во превод значи: христијански народ. Терминот „раја“, пак, е турски и нема никаква врска со Византија или античка Грција и со него се означувале неверниците, односно сите немуслимани во Отоманската Империја и не се однесувале само на грчкото население.
Во рецензираниот напис, исто така, се додава и дека:
Името Грција никогаш не постоело во византиско време.
Името Грција потекнува од зборот „Graecia,“ кој Старите Римјани го користеле за земјата на која живееле Грците. Од 7-от век грчкиот јазик бил единствен службен (административен јазик) во Византиската империја.
Луѓето кои живеат денес во Грција не се потомци на Античка Грција (како што тврди историјата. Античката култура и цивилизација (која всушност била илирско-пелазгиска цивилизација, погрешно и намерно именувана како „Грци“ во денешно време) изумрела пред 2000 години, како многу други антички цивилизации, пишува во текстот.
Авторот што го напишал ова не навел факти за таквото тврдење. Тогашното население на оваа територија може биле, можеби не биле антички Грци, но факт е дека денешните Грци (91,6 насто од населението на Грција според нивната статистичка служба) се идентификуваат со античките Грци и со таа цивилизација, а голем дел од современета историска наука на Запад го потврдува таквиот став. Впрочем, дури и едно посериозно истражување преку испитување на ДНК, објавено во 2017 година и извршено од американската Национална библиотека за медицина, тврди дека постои поврзаност помеѓу античките и денешните Грци. Во исто време нема историски записи за нивно (на античките Грци), истребување или изумирање.
Во написот понатаму се вели:
За време на Отоманската империја на Балканот, откако големите сили предизвикаа бунт во регионот вештачки наречен денес Грција, помеѓу 1821-1832 година беше формирана независна држава.
Точно е дека во борбата за независност од Отоманската империја Грција добивала помош од големите сили (Велика Британија, Франција и Русија), но не и дека тие предизвикале бунт. Во Грција биле испратени морнарички ескадрони од Велика Британија и од Франција во 1827 година со цел да се пружи отпор против Османлиската империја. Но, грчката војна за независност била предводена од грчки водачи и грчката православна црква имала клучна улога во заштита на националниот идентитет, како и развојот на културата. Грчката борба за независност од Отоманската империја е, всушност, само една таква епизода за национално ослободување и независност, а такви слични борби за независност воделе и Бугарите и Србите со цел да се ослободат од повеќе вековното владеење на Отоманите. Во овој контекст може да се гледа и македонското Илинденско востание.
Според наведените аргументи, можеме да заклучиме дека дополнителните тврдења се, исто така, невистинити, како и првиот дел од текстот преземен од Тhe Onion.