fbpx

„Мост“: Нефункционалниот систем е причина за недоверба во избирачкиот список

-

Што и да направи Државната изборна комисија во овој период, нема да може да го прочисти списокот без соработка со другите институции надлежни за доставување податоци за избирачкиот список, сметаат од граѓанската асоцијација „Мост“.

„Моменталната состојба е последица на немањето функционален систем со прецизни процедури и алоцирани одговорности, што остава можност за злоупотреби. За да добиеме веродостоен избирачки список, сите институции инволвирани во процесот на неговото ажурирање мора да ги поддржат напорите на ДИК и заедно со оваа институција тимски да дизајнираат функционален, одржлив и ефикасен систем за ажурирање на избирачкиот список“, велат од „Мост“.

„Мост“ увиделе дека дел од проблемите во избирачкиот список произлегуваат и од чудната потреба за честа промена на имињата на улиците од страна на општините, што во некои случаи повлекува и промена на куќните броеви, при што нема воспоставен меѓуинституционален механизам на ажурирање на адресите на граѓаните.

„Што се однесува до сомневањата дали одредени граѓани живеат на одредена адреса, тие случаи може да се пријават во подрачните канцеларии или преку веб-страницата на ДИК. Сепак, треба да се има предвид дека оваа процедура не е целосно и јасно уредена со Изборниот законик, поточно не е прецизирано дали може да се бара бришење на лице кое не е дел од потесното семејство. Ваквата недореченост е уште една причина за ДИК да се издигне над партиските интереси и да изврши теренска проверка на сите пријавени случаи од страна на граѓаните“, сметаат од „Мост“.

Откако ДИК ќе ги заврши административната и теренската проверка и ќе ја констатира фактичката состојба, од „Мост“ велат дека надлежните институции ќе треба да најдат соодветен начин како да ги избришат од избирачкиот список тие лица за кои ќе се утврди дека незаконски пријавиле живеалиште и стекнале лична карта.

„Исто така, неопходно ќе биде да се одлучи и како ќе се третираат тие случаи во кои има нереално голем број граѓани на иста адреса, кои стекнале живеалиште и лична карта во согласност со законот и со подзаконските процедури. За ваквите случаи, ДИК не смее да се ограничи само на административните документи, туку мора да изврши целосна теренска проверка на сите сомнителни случаи и да ја констатира фактичката состојба“, велат од „Мост“.

За решавање на овие проблеми, од „Мост“ сметаат дека е потребно да се донесат измени на Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето, Законот за личната карта и, евентуално, на Законот за општа управна постапка.

„Мост“ апелира до граѓаните да пријават какви било неправилности во избирачкиот список, какви било притисоци и каков било поткуп на гласачи на бесплатната телефонска линија 080-080-080.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Песните на изведувачите од „Јуниверзал“ се враќаат на ТикТок

Музиката на изведувачите под крилото на мултинационалната музичка корпорација „Јуниверзал Мјузик“ (Universal Music) ќе се врати во ТикТок откако двете страни склучија нов договор за компензација на артистите по...