Во терористичкиот напад што синоќа се случи во Лондон, според досегашните информации, меѓу жртвите и повредените нема македонски државјани, соопшти македонското Министерство за надворешни работи.

„Министерството за надворешни работи на Република Македонија силно го осудува синоќешниот терористички напад во Лондон, во кој, според досегашните информации, животот го загубија 7 лица, а 48 се повредени. Министерството за надворешни работи е во постојана комуникација со Амбасадата на Република Македонија во Лондон. МНР ја известува јавноста дека Амбасадата стапи во контакт со Метрополитен полицијата и потврдува дека засега меѓу жртвите и повредените не се евидентирани македонски државјани“, стои во соопштението на МНР.

Оттаму информираат дека за прашања поврзани со безбедноста на македонските граѓани кои во моментот се наоѓаат во Лондон, заинтересираните може да се обратат во македонската амбасада во Лондон и во Министерството за надворешни работи.