Младите на „Една може“: Студентите од самохрани семејства сѐ уште не можат да студираат со намалена школарина

Фото: Tim Gouw на Unsplash

Повеќе од 300 студенти од самохрани и еднородителски семејства сѐ уште немаат законска основа за олеснување на студентскиот живот преку пониска студентска партиципација, реагираат Младите на „Една може“ иако беше најавено дека тоа ќе се случи.

„Од нив, 289 студенти потекнуваат од самохрани семејства, додека пак 20 студенти од разведени семејства или невенчани партнери, кои за жал не се видливи пред институциите. Според анализата, за студенти од самохрани семејства, 208 студенти има на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје, 49, на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, додека пак Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола брои 31 студент“, информираат оттаму.

Младите на „Една Може“ веќе две години работат на унапредување на правата на младите од самохрани семејства. И по неколку апели до надлежните институции, изостанува законската основа за пониска партиципација за студирање на државните универзитети.

Во соработка со здружението на млади правници, составена е уредба со која јасно и точно се бара во новиот Закон за високо образование, во делот на ослободени студенти од партиципација, покрај наведените категории, да се вметнат и студентите од самохрани семејства.

„Уредбата првично беше доставена до Советот за високо образование и научно-истражувачка дејност, кој одлучува за овие околности. Оттаму добивме нејасен негативен одговор на нашето барање“, додаваат од младите на „Една може“.

Иницијативата е повторно доставена до Влада на Република Северна Македонија, до Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика, како и до Министерството за правда, но официјални одговори засега нема.

„УКИМ втора година по ред излегува во пресрет исклучиво на студентите од самохрани семејства, со лимитиран број на студенти-апликанти од секоја година, програма и квота, додека пак УКЛО даде ветувања за следната академска година. Во тек се актуелни преговори со Универзитетот во Штип, во кои очекуваме објавување на конкурс во брз период“, додаваат во здружението.

Студентите од самохрани семејства ќе плаќаат половина од уписнината