МИОА изработи нов систем за непречена размена на документи помеѓу институциите по електронски пат

-

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на денешната прес-конференција го претстави новиот Националниот систем за управување со документи-ДМС.

Станува збор за унифициран систем наменет за подобрување на работењето на државните институции. Со овој систем процесирањето на документите и спроведувањето на работните процеси во институциите може да се одвива целосно електронски.

„Со имплементација на ДМС и дигитализацијата на работните процеси во институциите се овозможува на вработените, своите документи и предмети да ги добиваат во електронска форма, да постапуваат по истите електронски и да креираат свои документи кои ќе може преку системот да ги праќаат на одобрување, потпишување, архивирање и понатамошно електронско проследување. Со други зборови, целиот работен процес да се одвива електронски,“ информираше Манчевски.

Тој додаде дека ДМС системот овозможува заедничко работење на административните службеници, од различни сектори и одделенија.

„Заедничкото работење и координација доведува до поквалитетни услуги за граѓаните. Новиот ДМС систем е „смарт“ систем кој го олеснува работењето. За секој предмет кој ќе биде заверен во архива и електронски разменет со некоја институција, тоа ќе значи дека одговорот за тој предмет ќе биде автоматски заверен и распределен до лицата кои учествувале во неговата подготовка, независно од местото од каде што работат. Со националниот ДМС се прави унифицирање на архивското и деловодно работење на институциите во соработка со Државниот архив  и Државниот управен инспекторат“, потенцираше Манчевски.

Дополнително, ДМС системот овозможува електронски решавање на предметите односно барањата за услуги, поднесени од преку порталот uslugi.gov.mk кој денеска го користат повеќе од 25.000 граѓани.

Исто така, oвој систем им овозможува на раководните лица да имаат редовен преглед кој вработен колку предмети сработил. На овој начин, вработените се отчетни пред раководителите, но и пред граѓаните.

„Цврсто сум уверен дека овој начин на електронско работење и контрола, ќе придонесе за намалување на корупцијата и директно ќе влијае на откочување на административно закочени процеси. Новиот национален систем за управување со документи е вистинското решение за организација на работата во време на пандемија од Ковид-19. Дигитализацијата на работните процеси и можноста секој да работи каде и да е локациски поврзан на интернет, преку својот мобилен, таблет или компјутер овозможува навремено и квалитетно завршување на работните задачи што доведува до уште подобри услуги за граѓаните,“ додаде Манчевски.

Македонија и Србија испитуваат можности за гасно поврзување

Македонија и Србија ќе ги испитуваат можностите за спојување со гасен интерконектор, кој треба ќе биде една нова директна врска меѓу од Јужниот гасен коридор на ЕУ и Трансбалканскиот...