fbpx

Мицкоски го одби францускиот предлог за симнување на бугарското вето, најави блокади на институции и патишта

-

Поистоветување на 8 септември 1991 година со денешниот опозициски протест, жестоко спротивставување на францускиот предлог за деблокада на почетокот на преговори со ЕУ на земјава и најави за блокади на институции и патишта по претстојново лето беа дел од пораките на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски што ги испрати пред неколку илјади симпатизери на протестот што вечерва го организираше пред владиното седиште во центарот на Скопје.

Мицкоски на протестот рече дека додека тој е претседател на ВМРО-ДПМНЕ, партијата нема да даде поддршка за внесување на бугарските барања во македонскиот устав. Тој го повика премиерот Димитар Ковачевски да го одбие францускиот предлог за деблокада на бугарското вето за почеток на преговорите со ЕУ на земјава.

„Да бидеме на чисто, тоа е ништо друго, освен капитулација без одлагање. Што би се рекло, бугаризација на Македонија на рати или дипломатски нокаут“, изјави Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во својот говор го поистовети и протестот за поддршка на независноста на Македонија на 8 септември 1991 година на скопскиот плоштад со денешниот протест пред седиштето на Владата на РСМ и рече дека на овие два протеста памети дека се собрал толку многу народ.

„Доколку 8 септември беше собир на надеж, овој е на разочарувањата особено во последните пет години. На многумина им е прекипено од разочараноста и велат доста е. Народот сака борба и сака да се избори за својата Македонија. И тогаш и сега заедничка е борбата за Македонија“, изјави Мицкоски.

Мицкоски предупреди дека ако нема договор со власта за предвремени парламентарни избори летово, тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе премине кон целосна блокада на Собранието на РСМ, но и блокада на институциите, патишта и протести низ државата. Тој рече дека е подготвен да се сретне со претставници на власта единствено околу договарањето на датумот за предвремени парламентарни избори.

„Или ќе се бориме и ќе победиме, или Македонија ќе ја нема, запаметете што ви велам“, рече Мицкоски пред неговите симпатизери.

Тој спомена дека актуелната власт предводена од СДСМ и ДУИ е коруптивна, но и неспособна за да се справи со инфлацијата и секојдневниот пораст на цените, порачувајќи им на симпатизерите дека земјава ја чека една од најтешките зими во изминативе три децении.

Од владејачката партија СДСМ вечерва излегоа со соопштение, во кое посочија дека ВМРО-ДПМНЕ се соочила со слаба посетеност и организација на протестот.

„Граѓаните во градовите во внатрешноста сведочат на откажани автобуси и комбиња за организиран превоз за што доказ се бројните видеа и фотографии објавени во медиумите и по социјалните мрежи“, се наведува во соопштението на СДСМ.

Тие порачаа дека нереформираното ВМРО-ДПМНЕ предводено од Христијан Мицкоси знае само да брани криминал и да носи штета на државата и затоа денеска ја нема поддршката на граѓаните.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...