Миа заедно со олимпискиот шампион Калеб Дресел | Фото: Лична архива

Да се биде учесник на Олимписките игри во Токио е незаменливо чусвство. Запознав многумина мои идоли од светот на пливањето, а најмногу се радувам што имав чест да го запознаам американскиот олимписки и светски шампион, Калеб Дресел, кој ми ја подари неговата пливачка капа, вели за „Мета“, Миа Блажевска Еминова, која деновиве во Токио се подготвува за својот настап на Летните олимписки игри.

Фото: Лична архива

Петнаесетгодишната пливачка ни открива како се чувствува и какви се нејзините досегашни впечатоци од престојот во Токио.

– Овде е навистина прекрасно. Немам право да излезам од олимпиското село, но од она што го видов сум воодушевена, градот е извонреден. Среќна сум што сум на Олимпијада и што се наоѓам во еден од најубавите градови во светот. Сретнав и запознав многумина познати личности кои отсекогаш сум сонувала да ги видам – вели Миа.

Таа настапува на 28 јули во 19 часот, односно во 12 часот по македонско време. Подготовките вели, течат одлично.

– Ќе пливам 100 метри краул. Бевме да го видиме базенот кој е неверојатен. Тремата е секогаш присутна, но во позитивна смисла. Со нетрпение чекам да настапам и се надевам на испливани лични и на државни рекорди – нагласува Миа.

Македонија во Токио ја претставуваат двајца пливачи, Миа Блажевска-Еминова и Филип Деркоски и по еден таеквондист (Дејан Георгиевски), атлетичар (Јован Стојоски), џудист (Арбреша Реџепи), каратист (Пулексенија Јованоска), стрелач (Борјан Бранковски) и борач (Могамедгаџи Нуров).

Миа е ученичка во гимназијата „Георги Димитров“.

Во Белград, на олимпискиот квалификациски турнир на 100 метри – краул, успеа да постигне време од 57.13 секунди – резултат кој ѝ овозможи да ја претставува Македонија во Токио на Летните олимписки игри.