fbpx

Македонската амбасада во Токио не крие дека јапонски ученици учат македонски јазик

Тоа што македонската амбасада во Токио не ја споделила објавата на јапонската амбасада, не значи дека македонската амбасада или македонското МНР кријат дека ученици во Јапонија го изучуваат македонскиот јазик и се запознаваат со македонската култура

-

Тоа што македонската амбасада во Токио не ја споделила објавата на јапонската амбасада, не значи дека македонската амбасада или македонското МНР кријат дека ученици во Јапонија го изучуваат македонскиот јазик и се запознаваат со македонската култура. За овие ученици нашата амбасада во Токио има известено уште пред две години, а нашиот амбасадор Горан Цеков им организирал и пречек во амбасадата, за што има информација на официјалната Фејсбук страница на македонската амбасада. Јапонските ученици ги има посетено и дипломат од македонското МНР, што значи дека нашите дипломати и тоа како се запознаени со фактот дека деца во Јапонија го учат македонскиот јазик, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Објава на Фејсбук споделува вест од јапонската амбасада во Северна Македонија за јапонски ученици кои го изучуваат македонскиот јазик, изразувајќи сомнеж дека македонската амбасада го крие тоа и не објавила дека ученици во Јапонија го изучуваат нашиот јазик.

Поздрав од учениците по македонски јазик во средното училиште Таканава во Токио, објави амбасадата на Јапонија во Македонија на својот фејсбук профил. Македонската амбасада го крие ли ова, па не објавила?, стои во објавата која ја анализираме.

Имено, јапонската амбасада во земјава на 12 јануари 2024 година сподели видео  во кое јапонски ученици испраќаат поздрав на македонски јазик.

Поздрав од учениците по македонски јазик во средното училиште Таканава во Токио. Учениците во средното училиште Таканава во Токио го изучуваат македонскиот јазик изминативе две години, ја презентираат македонската кујна, природното наследство на земјата и обичаите на училишните фестивали. Иницијатор и инспирација за нивните активности е нивниот професор г. Томоки Аојама, стои во објавата на јапонската амбасада во С. Македонија.

Точно е дека македонската амбасада во Јапонија на својата официјална Фејсбук страница го нема споделено видеото од јапонската амбасада, но не е вистина дека македонската амбасада нема објавувано за овие ученици, а уште помалку дека крие за нив, како што алудира објавата.

Македонската амбасада во Јапонија има известено за јапонските ученици кои учат македонски јазик во објава на 4 мај 2022 година. На 27 април 2022 година, стои во објавата, македонскиот амбасадор Горан Цеков ги примил овие ученици во нашата амбасада во Токио, кои дури и му правеле интервју на македонски јазик. Видео од посетата на Цеков на јапонските ученици, македонската амбасада има објавено на Јутјуб.

На 27 април 2022 амбасадорот Горан Цеков беше домаќин на учениците од средното училиште Takanawa од Токио кои, веќе втора година, вон редовната наставна програма, продолжуваат со голем ентузијазам да го изучуваат македонскиот јазик, а се запознаваат и со нашите културни традиции и обичаи.
Часот по македонски јазик, подготвен од професорот Томоки Аојама, беше одржан во нашата амбасада, при што учениците ни поставуваа прашања за секојдневни теми ( култура, општество, традиции, храна и сл.) на македонски, по што следеа наши одговори и елаборации. Во оваа прилика, на сите ученици им подаривме комплет монети од македонски денари, кои децата со восхит ги прифатија, стои во објавата на македонската амбасада од 4 мај 2022 година.
Претставници од Министерството за надворешни работи, исто така, ги имаат посетено овие ученици во јули 2023 година.

Неверојатно со свои очи да видиш и да чуеш како на преку 11000 км од 🇲🇰 македонски јазик учат и зборуваат средношколци од Јапонија, напишал државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Северна Македонија и дипломат од кариера Фили Тосевски како дел од впечатоците од неговата посета на училиштето Таканава во Токио, пренесе Рацин.мк.

Фотографии од посетата на Тосевски на професорот Томоки Аојама и неговите ученици може да се видат во објавата на Тосевски на неговиот Фејсбук профил.

Тоа што македонската амбасада во Токио не ја споделила објавата на јапонската амбасада, не значи дека македонската амбасада или македонското МНР кријат дека ученици во Јапонија го изучуваат македонскиот јазик и се запознаваат со македонската култура. За овие ученици нашата амбасада во Токио има известено уште пред две години, а нашиот амбасадор Цеков им организирал и пречек во амбасадата, за што има информација на официјалната Фејсбук страница на македонската амбасада. Јапонските ученици ги има посетено и дипломат од македонското МНР, што значи дека нашите дипломати и тоа како се запознаени со фактот дека деца во Јапонија го учат македонскиот јазик. Според тоа, не може да се каже, поточно крајно несоодветно и манипулативно е прашањето дали нашата амбасада нешто крие и не објавува за овие деца, на што алудира објавата што ја анализираме.

Според тоа, оценуваме дека на оваа објава ѝ недостига контекст, односно сметаме дека е манипулативна и имплицира како македонската амбасада небаре да го крие изучувањето на македонскиот јазик од страна на овие ученици во Јапонија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Патот до слободниот пристап до информации поплочен со тужби, нетранспарентност и молк од администрацијата

Колкава плата зема одреден министер, директор, функционер? Колку пари потрошиле пратениците за патни трошоци? Колку судски пресуди се донесени за семејно насилство? Колку чинело новогодишното украсување за секој град...