Од француски воз била украдена торба со безбедносни планови за Олимпијадата во Париз

Инженерот кажал дека неговиот службен компјутер и двата USB-стикови содржеле чувствителни податоци во врска со плановите на полицијата за обезбедување на летните олимписки игри оваа година

Торба со компјутер и два USB стикови на кои се наоѓаат полициските безбедносни планови за Олимписките игри во Париз, била украдена од воз на станицата Гаре ду Норд, соопшти Гардијан.

Торбата му припаѓала на инженер од градското собрание на Париз кој ја сместил во багажниот простор над своето седиште.

Бидејќи неговиот воз доцнел, тој решил да го смени возот па дури тогаш забележал дека торбата ја нема.

Инженерот кажал дека неговиот службен компјутер и двата USB-стикови содржеле чувствителни податоци во врска со плановите на полицијата за обезбедување на летните олимписки игри оваа година.

Увид спроведува регионалната транспортна полиција.

Две илјади полицајци и околу 35.000 безбедносни лица ќе бидат распоредени за време на Игрите, кои ќе траат од 26 јули до 11 август.