fbpx

Мета факт: Дневниот центар за деца со аутизам во Кочани остана само предизборно ветување

Откако стапи на функцијата градоначалник на Општина Кочани, Љупчо Папазов повеќе ниту еднаш не го спомена Дневниот центар за деца со аутизам

-

Не е изграден Дневниот центар за деца со аутизам со Кочани што во својата предизборна програма го најави актуелниот кочански градоначалник. Ова ветување на градоначалникот Љупчо Папазов, и покрај тоа што рокот истекува, е неисполнето.

Во својата предизборна програма за Локалните избори во 2021 година, тогашниот кандидат од редовите на партијата ВМРО-ДПМНЕ и актуелен градоначалник на Општина Кочани, Љупчо Папазов, меѓу другото, вети отворање на Дневен центар за деца со аутизам во Кочани.

Повеќе детали за тоа како ќе функционира овој дневен центар и каде би се наоѓал, нема во програмата. Таму, на страница 40, во делот „Социјална заштита“ само е истакнат крајниот рок за реализација на проектот – 2022-2023 година, како и изворот на финансирање при што се наведени општинскиот буџет и донации.

За Дневниот центар за деца со аутизам што наводно ќе го отворела општината, Папазов зборуваше и на прес-конференција во својата предизборна кампања која беше посветена на детската и социјалната заштита. На прес-конференцијата, покрај другите ветувања, Папазов рече:

„Поддршка на ранливите категории на граѓаните е исто така еден од нашите приоритети, а во исто време ќе се погрижиме за отворање и функционирање на Дневен центар за деца со аутизам“, вети Љупчо Папазов на 6 октомври 2021 година, а пренесоа локалните медиуми во Кочани.

Но, откако стапи на функцијата градоначалник на Општина Кочани, Љупчо Папазов повеќе ниту еднаш не го спомена Дневниот центар за деца со аутизам. За овој центар, по Локалните избори не може да се најде никаква информација на социјалните мрежи или пак на интернет-страницата на Општината, ниту пак се слушна за такво нешто во некој од јавните настапи на кочанскиот градоначалник.

Поради тоа што во својата предизборна програма Папазов вети дека ќе отвори центар за деца со аутизам до крајот на 2023 година, а бидејќи истекува деветтиот месец од годината, се обративме до Општина Кочани со прашање за тоа до каде е реализацијата на проектот.

Од Општината дадоа краток одговор во една реченица.

„Со службите за социјала од Општина Кочани работиме на анализи од повеќе аспекти и ќе правиме напори Дневниот центар за деца со аутизам во Кочани да го реализираме до крајот на мандатот“, стои во одговорот што Мета.мк го доби од Општина Кочани, без притоа да биде наведено какви анализи се прават и која е причината што Дневниот центар за деца со аутизам нема да биде отворен во ветениот рок.

Мандатот на Папазов е предвидено да трае до 2025 година.

Поради сето горенаведено, оценуваме дека ветувањето на кочанскиот градоначалник дека до 2023 година во Кочани ќе биде отворен Дневен центар за деца со аутизам, е неисполнето.

 

 

ИЗВОРИ:

Предизборна програма за Локалните избори во 2021 на ВМРО – ДПМНЕ за Кочани „ЗА КОЧАНИ ГАРАНТИРАМЕ, СОЗДАДИ НОВА ИДНИНА“, проверено на 12.09.2023 година;

Гласно.мк (06.10.2021 година): Папазов и советниците на прес: Нудиме проекти за детска и социјална заштита, проверено на 12.09.2023 година

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Народната банка додели награди на млади истражувачи од областа на макроекономијата и банкарството

Народната банка, на денот на монетарната независност, 26 април, ја одржа годишната свеченост за доделување на наградата на млади истражувачи од областа на макроекономијата и банкарството. Овогодинешниот победник беше Никита...