Анализа на „Порталб“: Најзадолжено претпријатие е МЖ Инфраструктура, а најзадолжена општина – Тетово

Град Скопје има доспеани, а неплатени обврски во износ од скоро 5 милиони евра, а за три месеци долгот пораснал за околу 2 милиони евра, пишува Порталб

Фото: Мета.мк

Само првите пет најзадолжени јавни претпријатија на централно и на локално ниво, на крајот од јуни имале доспеани, а неплатени обврски во износ од 68 милиони евра, а петте најзадолжени општини (во кои е вклучен и град Скопје), на крајот од првото економско полугодие, заедно должеле 33,1 милион евра, пишува Порталб.мк. Кои се најзадолжените општини и јавни претпријатија рангирани во првите 30 на новата должничка листа?

МЖ Инфраструктура има долг од 34,4 милиони евра

На листата од вкупно 899 најзадолжени институции, агенции, општини, јавни претпријатија, на високото прво место е јавното претпријатие МЖ Инфраструктура со доспеани и неплатени обврски во износ од 34,4 милиони евра. По него, на новата должничка листа на Министерството за финансии е преторијатието Колекторски систем – Скопје со пријавен долг од 9,4 милиони евра.

Според висината на долгот, јавните претпријатија високо котираат и на централно и на локално ниво. Должник со 8,8 милиои евра е претпријатието Водовод Куманово, а веднаш зад него е јавното претпријатие Водовод и канализација Скопје, со должнички износ од 8,5 милиони евра. Долг од речиси 6,8 милиони евра има Јавното сообраќајно претпријатие Скопје, кое заедно со едно од најзадолжените јавни претпријатија Водовод и канализација се под „капата“ на град Скопје.

Јавното претпријатие Водовод Охрид, на крајот од јуни пријавило долг во износ од 6,1 милион евра, а по него е уште едно локално јавно претпријатие – ЈКП Тетово Ц.О Тетово со должнички износ од 5,4 милиони евра. Со милионски долгови се и ЈП Комуналец Струмица со 4,6 милиони евра, ЈП Комуналец Гостивар со долг од 3,8 милиони евра, ЈП МРТ со должнички износ од 3,6 милиони евра, ЈП Водовод и Канализација Струга со 3,5 милиони евра, ЈП Чистота и зеленило – Куманово, со долг од скоро 3,4 милиони евра.

Според новите податоци, сите јавни претпријатија на централно ниво и државните фирми имале долг од 163,8 милиони евра, додека јавните претпријатија на локално ниво 80,3 милиони евра.

Втора најзадолжена општина е Гостивар

Во првите десет најзадолжени општини е општина Тетово со долг од 12,2 милиони евра. За три месеци општината успеала да ги намали доспеаните и неплатени обврски за скоро 2 милиони евра, но оваа општина и натаму останува најзадолжена. Втора најзадолжена општина е Гостивар, која на крајот од првото економско полугодие пријавила неплатени обврски во износ од осум милиони евра и за три месеци долгот е зголемен за околу 50.000 евра.

На високото 17 место на должничката листа е Град Скопје со доспеани, а неплатени обврски во износ од скоро 5 милиони евра и за три месеци пораст на долгот за околу 2 милиони евра. Општина Охрид со долг повисок од 4,7 милиони евра е рангирана веднаш зад Град Скопје на 18 место, а општина Делчево рангирана на 26 место е со долг од 3,1 милиони евра.

На крајот од јуни вкупниот внатрешен долг изнесувал 443,5 милиони евра и на квартално ниво е зголемен за околу 2,2 милиони евра.