Европската организација Media Freedom Rapid Response (Брз одговор за медиумска слобода), во координација со други организации како Европскиот центар медиумска слобода, Европската федерација на новинари, SafeJournalists Network и други, објавија соопштение со кое даваат поддршка на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) при пресудата на граѓанскиот суд во случајот Кочо Анѓушев и компанијата „Брако“ против ИРЛ и главниот и одговорен уредник Сашка Цветковска.
Основниот суд Скопје 2 го осуди порталот ИРЛ дека го наклеветил бизнисменот Кочо Анѓушев во емисијата „Заговор против воздухот“, без притоа да му даде шанса да одговори или да му испрати прашања. Им беше наредено на ИРЛ да платат симболична сума од едно евро за оштета до Анѓушев, како и да ги покријат судските трошоци на двете страни.
Во соопштението на Media Freedom Rapid Response, велат дека пресудата, и поконкретно објаснувањето од страна на судијката оти ИРЛ всушност не претставуваат медиум, претставува прекршување на меѓународни стандарди, непрепознавање на јавниот интерес на конкретниот новинарски продукт на ИРЛ и е напад на истражувачкото новинарство и медиумската слобода во земјата.
„ИРЛ нема ниту својство на медиум, како средство за јавно информирање според Закон за медиуми, a членовите на истото немаат својство на новинари, ниту можат, заради известување на јавноста да прават новинарски обликувани емисии, да се претставуваат како новинари или да се бават со жанрот истражувачко новинарство и сето тоа да го објавуваат преку средствата за јавно информирање“, пишува судијката Јованка Спировска Панева во образложението од пресудата 8П5-33/23.
Од организациите кои се потписници на соопштението велат дека овој став, како и наведената поука оти Министерството за правда може на ИРЛ да ѝ изрече и забрана за работа, се „необјасниви“ и дека очекуваат укинување на пресудата.
Пресудата и нејзиното образложение предизвикаа бурна реакција и во Македонија, со реакции од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).
„Да го кренеме гласот против судската пракса воведена со пресудата против Истражувачката репортерска лабораторија со која судот си додели улога да одредува кој смее, а кој не смее да биде новинар. Судот нема право да утврдува кои онлајн медиуми и граѓански организации смеат да се бават со новинарство“, наведуваат од ЗНМ и ССНМ.
Истите организации организираа и протест изминатата за поддршка на ИРЛ на 17 ноември. На протестот учествуваа десетиви новинари од повеќе медиуми.
„Години наназад судиите работат во корист на бизнисмените и политичарите, а ние новинарите сме тука да ја кажеме вистината. Не може никој да нè замолчи и спречи да го кренеме гласот или пак да ја објавиме вистината која е важна за граѓаните. Најважно од сè е новинарското перо и јавниот интерес се пред сè друго, бидејќи луѓето мора да бидат запознаени што се случува во државата“, кажа новинарката Ирена Мулачка за време на протестот.
Дополнително, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) минатата недела го повика Судскиот совет Македонија во рамки на законските надлежности што ги има да го разгледа случајот.
Во своето соопштение, Media Freedom Rapid Response велат дека се подготвени да ги покријат судските трошоци кои ИРЛ ќе мора да ги исплати и повикуваат на меѓународна поддршка и солидарност.