fbpx

Новинарите на протест: НЕ на цензурата

„Новинарството на удар, ние сме обединети“, „Цензори во име на моќниците“, „Нашата работа е за во јавност, а не за пред колегите“, „Модуларно судство“, „Осудени за вистината“, „Не сме џубокс, ние сме новинари“, беа само дел од пораките на транспарентите. Новинарите, снимателите и фоторепортерите порачаа дека пресудата е чин на заплашување и обид да се контролираат медиумите

-

Десетици новинари од повеќе медиуми денеска излегоа на мирен протест пред Граѓанскиот суд во Скопје, искажувајќи револт од пресудата против Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), која е закана за цензура, обид за замолчување и контрола врз новинарството.

Во организација на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) од протестот беа упатени повици властите да не се обидуваат да посегнат по правото на независно информирање и да не се прави институциска цензура во корист на моќниците.

Со судската одлука се прави преседан што ги загрозува принципите на демократијата, велат македонските новинари.

Пресудата за сторијата „Заговор против воздухот“ беше објавена на 24 октомври, а минатата недела стигна и писменото образложение, во кое се користат низа на проблематични квалификации кои се граничат со цензура и закани за затворање на медиумот.

Имено, судијата Јованка Спировска Панева во образложението од пресудата 8П5-33/23, го спори статусот на новинарите во ИРЛ и тврди дека ИРЛ не е медиум односно ИРЛ не е здружение за „новинарски известувања“:

„ИРЛ нема ниту својство на медиум, како средство за јавно информирање според Закон за медиуми, a членовите на истото немаат својство на новинари, ниту можат, заради известување на јавноста да прават новинарски обликувани емисии, да се претставуваат како новинари или да се бават со жанрот истражувачко новинарство и сето тоа да го објавуваат преку средствата за јавно информирање“.

ЗНМ и ССНМ утре со протест поради срамната пресуда против новинарите на ИРЛ

„Новинарството на удар, ние сме обединети“, „Цензори во име на моќниците“, „Нашата работа е за во јавност, а не за пред колегите“, „Модуларно судство“, „Осудени за вистината“, „Не сме џубокс, ние сме новинари“, беа само дел од пораките на транспарентите на денешниот протест. Новинарите, снимателите и фоторепортерите порачаа дека пресудата е чин на заплашување и обид да се контролираат медиумите.

Пред колегите новинари и медиумски работници денеска се обратија новинарите Сеад Ризвановиќ, Ирена Мулачка, Мефаил Исмаили, како и претставничката на Блупринт – групата за реформи во правосудството, Тона Карева.

„Се повторува сценариото од времето на А1, и тогаш како и сега знаевме за што се работи, не беше целта да се затвори телевизијата, беше целта да нè замолчат, постапка која се преслика после тоа на други медиуми и на други начини. Се сеќаваме и на прогонот на Томислав Кежаровски и други случаи. Сега се случува во друга форма, но содржината е иста“, порача новинарот Сеад Ризвановиќ.

Неговата колешка Ирена Мулачка порача дека судството не работи во интерес на јавноста.

„Години наназад судиите работат во корист на бизнисмените и политичарите, а ние новинарите сме тука да ја кажеме вистината. Не може никој да нè замолчи и спречи да го кренеме гласот или пак да ја објавиме вистината која е важна за граѓаните. Најважно од сè е новинарското перо и јавниот интерес се пред сè друго, бидејќи луѓето мора да бидат запознаени што се случува во државата“, кажа Ирена Мулачка.

Од граѓанскиот сектор се обрати Тона Карева. Порача дека ваквите судски одлуки сериозно го загрозуваат работењето на граѓанските организации.

„Кога довербата во правосудството е на вакво ниско ниво, овој тип на пресуда не придонесува за зголемување на довербата и судиите мора да се одважат и да работат согласно законите и меѓународните стандарди и принципи. Ваквата пресуда праќа порака до граѓаните дека треба да останат безгласни и пасивни во однос на корупцијата и на правдата, што е спротивно на сите принципи и стандарди, правото мора да служи на правдата, а здруженијата на граѓани мора да останат посветени да работат на едно демократско општество каде што борбата против корупција и владеењето на правото и демократијата ќе бидат главни принципи“, нагласи таа.

Од ЗНМ реагираа дека во писменото образложение на пресудата за сторијата „Заговор против воздухот“ на ИРЛ се користат низа на проблематични квалификации кои се граничат со цензура и закани за затворање на медиумот.

Судијата Јованка Спировска-Панева, која одлучуваше во случајот „Брако против ИРЛ“, во образложението од пресудата го спори статусот на новинарите во ИРЛ и тврди дека ИРЛ не е медиум, односно ИРЛ не е здружение за новинарски известувања. ЗНМ и ССНМ на денешниот протест за судијката имаа подготвено плакета за „Цензор на годината“.

Во поглед на квалификациите во судската одлука дали авторите на сторијата „Заговор против воздухот“ се новинари или не, реагираше и Фондација Метаморфозис, нагласувајќи дека станува збор за загрозување на принципот на демократско учество на граѓаните.

Фондацијата Метаморфозис порача дека судската одлука е опасен преседан, особено во делот кога судот се впушта во оценка дали ИРЛ и новинарите од оваа редакција се новинари или не и дали нивната истражувачка сторија „Заговор против воздухот“, смееле да ја прикажуваат во јавност или само пред членовите на Здружението на граѓани, што е истовремено издавач на ИРЛ.

„Со оваа одлука Судот воспоставува пракса по која може да се појават сериозни последици, бидејќи води до ограничување на работата на здруженијата и фондациите, уредена со членот 14 од Законот за здруженија и фондации, каде е уредено дека организациите можат слободно да ги искажуваат и промовираат своите ставови и мислења за прашања од нивен интерес, да поведуваат иницијативи и да учествуваат во градење на јавно мислење и креирањето на политиките“, реагираше Фондацијата Метаморфозис.

Метаморфозис со поддршка на новинарскиот протест против судската одлука за ИРЛ: Одлуката ги загрозува слободата на изразување и слободата на медиумите

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...