Започна кампањата „Сложувалка“ во пресрет на 16 денови активизам за борба против насилството врз жените. Кампањата е предводена од Министерството за труд и социјална политика заедно со канцелариите на УНФПА во Република Северна Македонија со поддршката на Британската Амбасада. Според министерството, целта на кампањата е да ги охрабрува, поддржува и поттикнува жените да го пријават насилството.
Вицепремиерот Фатмир Битиќи на отворањето на кампањата кое се одржа во Македонска Опера и Балет го поврза името на кампањата „Сложувалка“ со добро структуриран, сложен и посветен систем, склопен од многу делови може да одговори соодветно, да превенира и да заштити. Ги посочи законите, центрите за поддршка на жртвите како дел од делувањето на институциите за справување со насилството. Сепак, го истакна и личното делување во промена на општествената слика во однос на охрабрувањето и поддршката на жените.
„Да не дозволиме да станат или останат економски зависни, да не дозволиме да не се охрабрат да пријават, во тој процес, да не дозволиме двојна виктимизација, да не дозволиме да мислат дека е нивна вина или нивна судбина. Да не дозволиме истата да ја пренесат на следните генерации. Денеска, пред вас покрај како вицепремиер стојам и како маж и татко. И јас сум активен сојузник на сите жени. Тоа го учам мојот син и тоа е наша обврска. Да ги учиме сите наши синови, дека борбата ни е заедничка, бидејќи сите сме дел од истата сложувалка, а во неа жените се сврзното ткиво“, рече Битиќи.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето обраќање истакна дека сѐ поголем број на жени се охрабруваат и ги пријавуваат случаите на семејно насилство. До пред пет години, само 2% од жените кои доживеале насилство од партнерот, пријавиле во полиција сериозен инцидент.
Од страната на канцеларијата на УНФПА шефицата на канцеларијата Афродита Шаља ја објасни целта на овој мандат на оваа агенција на Обединетите Нации.
„Ставањето на крај на родово базираното насилство и унапредувањето на родовата еднаквост, преку пристап до сексуално и репродуктивно здравје и права, право на безбедност и живот без насилство, подобрено образование, соодветни политики на работното место, ќе резултира со поздрави семејства, посилни економии и поотпорни општества. Ова е во сржта на мандатот на УНФПА и посветено продолжуваме да работиме со партнерите се до целосно остварување на овие цели“ објасни Шаља.
Обраќањата ги затвори министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска со охрабрувачки говор кон секоја жена која била жртва на каков било вид на насилство.
„Верувам дека секоја од вас го почувствувала гневот во себе за неможноста да ја заштити другарката, колешката од насилникот, но и од немоќта да ја убеди да го напушти насилството токму во мигот на доверување, на слабост и на солзи. Затоа горда сум што ќе кажам дека не говориме само овие денови за борба со насилството врз жените и девојките, ниту јас, ниту моите колеги од Владата. Говориме цела оваа година која изминува. Оваа година ги охрабрувавме жените да бидат „Гласни и Храбри“ зошто тоа како општество ни треба, да „Остават траг“ зошто се моќни и единствени, и да се охрабрат, да исчекорат и да станат цврст дел од нашата заедничка „Сложувалка“ во која сите сме еднаков дел, цврст, храбар, силен и нераскинливо поврзан со другите“ изјави Тренчевска.
Министерката го заврши својот говор со повик на сите чинители во општеството да бидат дел од сложувалката, да охрабруваат, поддржат и да го пријават насилството.