fbpx

Мазнева има рок до петок да образложи зошто дала отказ на 32 работници од „Комунална хигиена“

Доколку Комунална хигиена не постапи по одлуките на Државниот инспекторат за труд, ќе следува прекршочен платен налог - глоба, а висината зависи од многу фактори, почнувајќи од платежната способност на претпријатието, бројот на вработени итн.

-

„Комунална хигиена“ Скопје има рок од уште два дена да поднесе забелешки во однос на решението на Државниот инспекторат за труд, кој ја задолжи директорката Косана Мазнева Николиќ да донесе писмен акт со кој ќе ги поништи одлуките за отказ што претходно им ги врачи на 32 работници.

Редакциите на Мета.мк и на Порталб.мк се консултираа со надлежни лица од Државниот инспекторат на труд, а во врска со понатамошните процедури кои настанаа откако Мазнева отпушти над 30 работници, а сметот во Скопје не беше одложен речиси четири дена. Образложението на Мазнева тогаш беше дека станувало збор за „мафијашки структури“, а кажа и дека дел од нив земале плата, а не доаѓале на работа.

„Комунална хигиена има рок од осум дена да даде забелешки на нашиот записник, во кој за 32 вработени беше констатирано дека не се образложени причините за отказ, а и не е испочитуван отказниот рок. Од тие осум дена, поминати се шест, значи дека остануваат уште два, до 28 јули јавното претпријатие да изготви забелешки, по што ќе бидат изготвени решенија. Потоа, следува опомена до Комунална хигиена и на претпријатието ќе му се даде рок од 3 дена да постапи по истата, односно да ги врати работниците на работните места“, велат од Државниот инспекторат за труд.

Доколку ЈП Комунална не постапи по опомената во рок од три дена, се изготвува решение – наредба, за кое исто така претпријатието ќе има рок од три дена за да постапи по истото.

Доколку претпријатието не постапи ниту по ова, ќе следува прекршочен платен налог – глоба, а висината на казната зависи од многу фактори, почнувајќи од платежната способност на претпријатието, бројот на вработени итн.

Освен тоа, отпуштените работници правдата можат да си ја бараат и преку судските инстанци. Според информации на Порталб и на Мета, работниците ќе ја тужат Комунална хигиена доколку не бидат вратени на работа.

Директорката на ЈП Комунална хигиена, Косана Мазнева Николиќ, не одговори на нашите повици и смс пораки – дали ќе ги почитува насоките од инспекторатот и дали ќе ги врати работниците на работа.

Се води и друга постапка пред УО на Комунална хигиена 

Во медиумите вчера беше објавено дека Управниот одбор на Комунална хигиена заседавал во текот на вчерашниот ден и расправал за известувањето на Државниот инспекторат за отпуштањето на хигиенските работници во скопското претпријатие. Во разговор со претседателката на Управниот одбор, Јулијана Спировска, таа рече дека не разговарале за известувањето на Инспекторатот, туку за претставките на отпуштените работници.

„Со известувањето на инспекторатот, директорот на Комунална хигиена е должен да постапи по забелешките што ги има дадено. Ние ги немаме забелешките на инспекторатот, ние има известување дека инспекторатот постапил и дал упатства Комунална хигиена“, вели Спировска.

Порталб.мк неофицијално дознава дека Управниот одбор прифатил шест приговори од вработените, но претседателот на УО не сакаше да зборува за тоа како било одлучено, бидејќи како што посочува „прво мора писмено да се известат вработените, наместо тоа да се прави преку медиумите“.

„Тоа апсолутно не е тајна одлука, гласањето е јавно.Но, не е коректно вработените да добиваат информации од медиумите. Можам да ви кажам дека конкретната документација обезбедена од службите на ЈП Комунална хигиена Скопје е земена предвид, пристапено е максимално детално и внимателно, согласно Законот за работни односи и Колективниот договор и членовите си го кажаа својот став. Има заклучок од седницата, се надевам дека денеска и утре службите на Комунална хигиена поединечно ќе ги информираат вработените за резултатот од гласањето на Управниот одбор. Можам да кажам дека процесот беше транспарентен, согласно законските прописи“, вели Спировска.

Отказите на работниците следуваа откако директорката Косана Мазнева Николиќ обвини дека ја блокираат работата на претријатието, па поради тоа главниот град остана со неиспразнети контејнери за смет. Мазнева, заедно со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска изјавија дека станува збор за „мафијашки структури“ кои со години работеле трета смена, која повеќе се плаќа.

Арсовска, ѝ даде поддршка на Мазнева, и рече дека сите треба да ја поздрават за начинот на кој се справила со мафијашките структури и дека досега, во рок од 30 години, „не се нашол некој маж што ќе го направи тоа“.

Мета.мк и Порталб.мк пред две недели се обратија до ЈП Комунална хигиена и преку барање за слободен пристап до информации ги побаравме сите кривични пријави што Мазнева рече дека ги доставила до надлежните институции, но одговор засега нема.

Инспекторатот утврдил дека директорката на Комунална хигиена незаконски ги потпишала отказите на работниците

 

Пишуваат: Мери Јордановска и Суад Бајрами

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...