Инспекторатот утврдил дека директорката на Комунална хигиена незаконски ги потпишала отказите на работниците

Отказите на 27 работници следуваа откако директорката Косана Мазнева Николиќ обвини дека ја блокираат работата на претријатието, па поради тоа главниот град остана со неиспразнети контејнери за смет речиси четири дена

Фото: Порталб.мк

Државниот инспекторат за труд (ДИТ), по поднесената преставка од вработените во јавното претпријатие Комунална хигиена – Скопје, донел инспекциска мерка со која менаџментот на претпријатието се задолжува да донесе писмен акт со кој ќе ги поништи одлуките за отказ поради тоа што истите се спротивни на закон и колективен договор, соопштија синдикатите ССМ и СУТКОЗ.

„Соработката помеѓу ССМ и ДИТ воспоставена на највисоко ниво, дава резултати во интерес на работниците и ССМ ја поздравува брзата реакција на инспекторатот“, велат од синдикатите.

Решението на Државниот инспекторат за труд за отпуштените работници од ЈП Комунална хигиена / Фото: Порталб.мк

СУТКОЗ и ССМ очекуваат Управниот одбор на ЈП Комунална хигиена Скопје на седницата која ќе ја одржи утре да донесе одлука со која ќе ги поништи отказните решенија и вработените ќе ги врати веднаш на работните места.

„СУТКОЗ и ССМ изминатиот период укажуваа дека раководството на Комумална хигиена Скопје треба да го почитува законот и колективните договори и дека постапките кои се преземаат се ништо друго туку реваншизам кон работниците за нивната синдикална борба. ССМ апелира на дијалог помеѓу СУТКОЗ и раководството на Комунална хигиена Скопје“, велат од ССМ.

Фото: ССМ

Отказите на 27 работници следуваа откако директорката Косана Мазнева Николиќ обвини дека ја блокираат работата на претријатието, па поради тоа главниот град остана со неиспразнети контејнери за смет речиси четири дена. Мазнева, заедно со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска изјавија дека станува збор за „мафијашки структури“ кои со години работеле трета смена, која повеќе се плаќа.

Арсовска, која ѝ даде поддршка на Мазнева, велејќи дека сите треба да ја поздрават за начинот на кој се справила со мафијашките структури рече дека досега, во рок од 30 години, „не се нашол некој маж што ќе го направи тоа“.

Дополнително, тие рекоа дека одредени вработени со години примале плата од ЈП Комунална хигиена, а не се појавувале на работните места. За ова, како што веќе изјавија од МВР и од обвинителството, не се поднесени пријави.

Мазнева не пријавила ниту во МВР ниту во обвинителството дека вработени земале плата, а не оделе на работа