Мазнева не пријавила ниту во МВР ниту во обвинителството дека вработени земале плата, а не оделе на работа

И од МВР, и од ЈО велат дека до нив не се доставени кривични пријави во врска со лицата за кои директорката на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Косана Мазнева рече дека живеат во Германија и Швајцарија, а земаат плата овде

Фото: Порталб

Ниту во Министерството за внатрешни работи, ниту пак во Јавното обвинителство нема евидентирани кривични пријави, во врска со лицата за кои директорката на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Косана Мазнева-Николиќ, изјави дека живеат во Германија и Швајцарија, а земаат плата од Комунална хигиена.

Мазнева ова го изјави на заедничката прес-конференција со Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје, по драматичните случувања во јавното претпријатие, кога вработени излегоа на протест за време на изминатиот викенд, а сметот во главниот град не беше исчистен четири дена.

Мазнева и Арсовска четири дена подоцна, по тензијата во јавното претпријатие и политичките препукувања за тоа кој е виновен, изјавија дека „расчистиле со мафијашките структури во претпријатието и дека за сите случувања се известени надлежните истражни органи“.

Сепак, и од обвинителството и од МВР за Мета.мк велат оти кривични пријави од ЈП Комунална хигиена дека одредени лица земале плата без да се појавуваат на работните места не се примени во институциите. Пријави има единствено за периодот откако беа организирани протестите, односно за време на минатиот викенд и тоа за учество во толпа, загрозување на животната средина и насилство.

„За поднесени кривични пријави до МВР од страна на Комунална хигиена во последниве два месеца, Ве известуваме дека во бараниот период од страна на ЈП Комунална хигиена до ОЈО Скопје на 08.07.2023 година поднесена е кривична пријава во која се сублимирани кривични дела по член 384 „Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“, член 139 „Присилба„ став 1,  став 3 и член 230 „Загрозување на животната средина и природата со отпадни материи“. На 10.07.2023 година, пак, СВР Скопје до Основното Јавно Обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против три лица за сторено кривично дело „Насилство“ по член 386 од Кривичниот законик, во врска со пријавен случај од страна на вработен во ЈП Комунална хигиена, кој бил физички нападнат од свои колеги при извршување на работни обврски, кое е веднаш расчистено“, гласи одговорот на МВР.

И од Јавното обвинителство во Скопје велат дека пријави за лица за кои Мазнева обзнани без притоа да дополнително да образложи, немаат. Конкретно, за пријава дека вработени во ЈП Комунална хигиена живееле во странство, а примале плата, од обвинителството велат:

„До овој момент, до Основното јавно обвинителство Скопје не е доставена пријава со таква конкретна содржина. Доставени се неколку пријави поврзани со случувањата во наведеното јавно претпријатие и наводите веќе се проверуваат. Јавното обвинителство ги поттикнува институциите надлежни за откривање на кривични дела да извршат проверки и да достават соодветни поднесоци за сите кривични дела што притоа ќе ги откријат. Исто така, и самите претпријатија, доколку констатирале незаконитости во работењето се должни тоа да го пријават до надлежните органи“, велат за Мета од обвинителството.

Мета и Порталб, користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, поднесоа барања до ЈП Комунална хигиена. Побаравме листа на кривични пријави поднесени од страна на претпријатието и неговите надлежни, како и конкретните кривични дела. Рокот за одговор сè уште трае.

„Веќе неколку дена, помала група на вработени кои повеќе од 15 години ако не и повеќе, ја држат третата смена спротивно на законите и на колективниот договор, а поголем дел од нив воопшто не се појавуваат на работното место и ја блокираат редовната работа на претпријатието и не дозволуваа да биде исчистен сметот. Сето тоа беше уредно пријавено, а само откако притисокот од јавноста стана неподнослив, надлежните органи преземаа активности. Денес работата на ЈП Комунална хигиена е вратена во нормала“, рече Мазнева-Николиќ во понеделникот.

Таа кажа дека поради заштита на лични податоци, нема да ги соопшти имињата на мафијашките структури, но дека за сите наводи се известени и Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство и дека се поднесени и кривични пријави.

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска рече дека по случајот е постапено уште пред 25 јуни, кога почнале сите постапки против лицата, по што „овие мафијашки структури решиле да се пресметаат со Мазнева“.

Некои од лицата, рече градоначалничката на Град Скопје, живееле во Германија и Швајцарија, а земале плата од „Комунална хигиена“, а дел од кривичните пријави се однесувале и на потешки кривични дела и дека затоа не може да ги каже нивните имиња.

По еколошкиот катастрофален викенд неделава, сметот во главниот град беше расчистен, но сè уште не е познато кои се „мафијашките структури“ за кои говореа Мазнева и Арсовска, со оглед на тоа што од надлежните институции тврдат дека немаат примено кривични пријави.

Отказни решенија од ЈП Комунална хигиена Скопје од 7 до 10 јули имаат добиено 34 вработени. За Порталб дел вработени кои добија отказни решенија веќе сведочеа и прикажаа документи дека останале без работа поради учество на протестите, а не затоа што не се појавувале на работните места или пак извршиле некое кривично дело.

Случајот „Комунална хигиена“ на виделина го извади сето ѓубре