МАИ ги додели книжевните награди во периодот меѓу двата саема, „Арс ламина“ доминира со 4 признанија

Фото: Фејсбук страна на МАИ

Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) денеска, на вториот ден од Саемот на книга 2022 по шести пат ги додели своите награди за најуспешните изданија во периодот меѓу ланскиот и годинешниот саем.

Доделувањето на признанијата за најголемите издавачки дострели во периодот меѓу двата саема се врши во осум одделни категории и три најдобро рангирани позиции во секоја од нив. Оваа година издавачката куќа „Арс ламина“ забележа доминација со вкупно 4 освоени награди, а по неа следи „Гаврош“ со три награди во различни области.

Комисијата за доделување на наградите на МАИ е во состав: новинарката за култура Весна Дамчевска, книжевникот и театролог Сашо Димоски и Никола Војнов, графички дизајнер. Во продолжение може да се погледнат имињата на наградените дела и авторите:

Признание за најдобра едиција

Првото место го освои едицијата „Целокупното творештво за возрасни на Оливера Николова“ сочинета од 10 тома во издание на „Арс ламина“, втората награда ја освои „Штици“, едиција посветена на современи драмски текстови, во издание на „Гаврош“ и наградата за трето место ја доби едицијата  значајни дела од светската литература од различни епохи со трајна вредност, „Безвременски“ во издание на „Три“.

Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание

Прво место освои „Бамбино“ со приказна и текст на Ника Гавровска и дизајн на Никола Радуловиќ во издание на „Гаврош“, понатаму второ место доби „Збор по збор“ од Ника Гавровска со идеја, концепт и графичко уредување и илустрации на Наташа Андонова исто така во издание на „Гаврош“ и трето место доби „Волшебното патување на Простор и Време“ од автор Мирко Трајановски и илустратор Кристијан Јованоски  печатена во „Софија“, Богданци.

Признание за најдобра книга за деца

Во категоријата за најмладите, првата награда ја доби книгата „Пет приказни од целиот свет“ раскажани од Живко Гроздановски, а во издание на „Чудна шума“. Збирката поезија „Ши, ѕифри, копчи“ од Владимир Лукаш и Наталија Лукомска издадена од „Арс ламина“ доби втора награда и „Мистериозниот остров“ како книга со забележлива интерактивност напишана од Бистра Георгиева и илустрирана од Наталија Лукомска доби трета награда.

Признание за автор на годината

Ова важно признание му беше доделено на истакнатиот книжевен деец Владимир Јанковски. Неговото дело „Скриени желби, немирни патувања“ оваа година беше македонски кандидат за наградата за литература на Европската унија и за наградата „Балканика“. Јанковски е критичар, преведувач и автор на три романи. Наскоро се очекува второ издание на неговата последна книга, а во тек се нејзини преводи на чешки и српски јазик.

Признание за најкреативно издание 

„Во главата пишувам расказ“ од Елизабета Баковска и Сашо Димоски воедно и самостојно издание ја доби првата награда во оваа категорија. Второто место го освои „Finger print art“ во издание на „Арс ламина“, а третото „ Игра со придавки“ во авторство на Оливија Георгиевска и илустрации на Јована Велинова-Трајанова исто така од „Арс ламина“.

Признание за поттикнување на општествена одговорност

Најдобро рангиран и проценет од комисијата во оваа категорија е проектот „Сликовницата на Халки“ од издавачот „Софија“ Богданци. Станува збор за проект во кој централна улога има сликовницата, која обработува теми важни за современите деца. Приказната го објаснува процесот на изработка на една книга за деца и
нејзината главна порака е дека читањето е најважната животна навика.

Специјално признание за промотор на читачка култура

Фестивалот „Bookstar“ ја освои главната награда во оваа категорија кој веќе 7 години на македонката публика и претставува значајни современи европски автори и отвора дебати на важни теми од областа на книжевноста. Фестивалот од година во година има сè поголем медиумски опфат, привлекува голем интерес кај публиката, го посетуваат и многу млади кои се запознаваат со авторите и купуваат книги за време на неколкудневната програма и е вистински промотор на читачката култура.

Признание за иновативност

Оваа година, оваа категорија остана без добитник на награда. Во образложението на МАИ се вели дека нивната одлука следува по слабата конкуренција во поглед на идејата за иновативност, опишана во критериумите за доделување на наградата. Притоа, номинирани беа „Шила“ од Јана Мишо и илустрации на Калиопи Трпчева,„Рекичето што сакаше да порасне“ од Ана Торма и илустрации на Ване Костуранов, комплетот „Која игра ја играш?“ од Олга Мурџева-Шкариќ и Олга Ѓоргиева сите во издание на „Арс ламина“, проектот „Децата и планините“ како микросајт, едукативен „пакет“ и работилници за деца во организација на „Чудна шума“ и „Еко аксесоари“ од издавачката куќа „Антолог“.