fbpx

Локвенец: Дали случајот со „Маѓар телеком“ е запрен поради 2 милиони евра за Мијалков?

-

„Моите три прашања, на кои барам поединечни одговори, се: Дали како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, знаевте за коруптивниот договор на „Аналитико АИ“? Дали Зоран Трајчевски за добро завршената работа го унапредивте во претседател на собранието на акционери на „Телеком“, а потоа и во прв човек на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги? И зошто запре истрагата за „Телеком“, а Зврлевски се искачи на сите скалила во Обвинителството, држејќи го овој предмет кај себе, затоа што Сашо Мијалков му побарал или добил два милиони евра од Кондоминас?“, праша пратеникот од СДСМ, Хари Локвенец, на денешната седница на Собранието за поставување пратенички прашања.

Тој рече дека според сведочењата пред меѓународната правна комисија ангажирана да го истражи корупцискиот скандал „Телеком“, Комисијата за хартии ЗЕК, министерството за правда во САД и пред судот во Њујорк , „Телеком“ склучил договор за маркетинг-активности со фирмата „Аналитико АИ“ околу 50 дена пред изборите во 2006 година.

– Оваа фирма е директно поврзана со ВМРО-ДПМНЕ откако Вие сте претседател на партијата. Оливер Шамбевски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Ленче Самарџиска, случајно сестра на главниот лик од првата денешна дискусија, Мартин Протоѓер, Елизабета Канческа-Милеска, Александар Бичиклиски, Ален Зекиров се познати имиња на вработени во оваа компанија. Тоа се тројца Ваши министри, амбасадор, Ваш шеф на кабинет, Ваша секретарка и Ваше обезбедување. Тоа се првите лица во ВМРО-ДПМНЕ, Ваши соработници, кои преку оваа фирма склучиле договор во 2006 година, вреден повеќе од  7,5 милиони денари. Според сведочењата, иницијатор за ваков потенцијално коруптивен договор бил Зоран Трајчовски. На страницата 49 од сведочењето стои: „Договорот со „Аналитико“ беше побаран од Зоран Трајчовски од ВМРО-ДПМНЕ, без што било да се сработи, бидејќи се чувствувале запоставени од Германците и од Унгарците во „Телеком“ како тогашна опозција“ – рече Локвенец.  

Тој додаде дека истражните органи во Македонија почнале со одредени дејства, но истрагата била запрена.

– Истражен судија по барање на Управата за перење пари, во 2008 година донел решение за замрзнување на сметките во „Охридска банка“ на фирмата „Камени мост“, која е сопственик на акциите во „Македонски телеком“ во име на „Маѓар телеком“. До денес ништо не е преземено. Од обвинение е изземен и Михаил Кефалојанис, еден од најблиските соработници на Кондоминас. Јавноста веќе знае кој бил обвинителот што ништо не презел, иако предметот цело време бил кај него, Марко Зврлески. Непреземањето активности на Марко Зврлески се совпаѓа со сведочењето на Богоевски, во кое тој наведува дека Сашо Мијалков барал да му бидат дадени 2,5 милиони евра и дополнителни 500.000 евра за адвокатската канцеларија за да ја запре постапката во Македонија – појасни Локвенец.

Премиерот на ова одговори дека најдобро е СДСМ одговорите да ги бара во својата партија.

– СДСМ беше таа што одлучуваше дали ќе се направи либерализација на секторот. Гледаме дека СДСМ одолговлекувала за да не дојде до намалување на цените на телефонските разговори. ВМРО-ДПМНЕ беше опозиција и не можеше да влијае на овој случај. ВМРО-ДПМНЕ во својата програма внесе ветување дека доколку граѓаните го изберат ВМРО-ДПМНЕ, во првите 60 дена Владата ќе распише тендер за трет мобилен оператор, ќе ги прилагоди законите за да може да се распише тендер. Тоа го направивме и цените паднаа за 70 отсто. Не сме имале ништо со тоа што од вашата партија го направиле. Во тоа време, СДСМ беше на власт на чело со Радмила Шекеринска и со Владо Бучковски и до крајот на мандатот не дозволија тоа да се случи – одговори Груевски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Борел и Вархеји: Изборите беа демократски спроведени

Во заедничка изјава, потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на Европска Унија за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји го поздравуваат...