Предвремените избори на Мицкоски ги стасаа редовните, Џафери наскоро во „премиерскиот костум“

До изборите име уште четири месеци, во кои несомнено атмосферата уште повеќе ќе се разгорува, а јазот меѓу овие два блока дополнително ќе се продлабочува

Фото: Архива на Мета.мк

ВМРО-ДПМНЕ со години опсесивно бараше предвремени парламентарни избори сѐ до 20 октомври, кога партискиот лидер Христијан Мицкоски се помири дека ќе бидат во редовниот термин. Опозицијата бараше да нема техничка влада и премиер од ДУИ, ама си легна на „брашното“. Талат Џафери е сѐ поблиску до премиерското столче, извесно е дека тој ќе го замени премиерот Димитар Ковачевски во техничката влада која ќе ги спроведе изборите. А, Џафери не го крие задоволството дека неговата ДУИ го одбра да биде човекот кој ќе ја преземе функцијата технички премиер од 28 јануари 2024 година, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Пред крајот на оваа турбулентна година се разреши „мистеријата“ околу изборите што ја креираше опозицијата – напролет ќе имаме двојни избори, претседателски и парламентарни. И едните и другите ќе бидат во редовниот термин. Првиот круг од претседателските избори ќе бидат на 24 април, а на 8 мај ќе се одржат парламентарните и вториот круг за избор на шеф на државата. Тоа беа фактички најоптималните датуми за да се фатат изборните рокови на двата циклуса, а истовремено да не се попречи славењето на верските празници Велигден и Бајрам.

Во меѓувреме се прават плановите за формирање техничка влада. Претседателот на Собранието, Талат Џафери е сѐ поблиску до премиерското столче. Веќе е извесно дека тој ќе го замени премиерот Димитар Ковачевски во техничката влада која ќе ги спроведе изборите.

Демократската унија за интеграција (ДУИ) на партиски состанок на почетокот на декември одлучи Џафери да биде човекот кој ќе ја преземе функцијата технички премиер од 28 јануари 2024 година и ќе ја предводи техничката влада до завршувањето на изборите. А, Џафери не го крие задоволството дека ќе биде идниот технички премиер, кој ќе седне на чело на македонската Влада сто дена пред парламентарните избори.

Ми претставува особена чест за доделената доверба од партиските органи и секако можам да кажам дека и оваа функција со должно почитување и соодветна одговорност ќе биде спроведена од моја страна како одговор од поддршката искажана од партиските органи, а пред сè од граѓаните на Република Северна Македонија, изјави Џафери вечерта на 8 декември.

Талат Џафери,   Фото: sobranie.mk

Назначувањето на технички премиер Албанец во предизборниот период (100 дена пред избори), е дел од коалицискиот договор меѓу екслидерот на СДСМ, Зоран Заев и претседателот на ДУИ, Али Ахмети, кога по изборите во 2020 година договорија формирање Влада. Ковачевски, пак, кој го замени Заев и на лидерското место во СДСМ и во Владата, неколкупати во изминатиот период посочи дека ќе го испочитува договореното.

Во владиниот кабинет на Џафери, според Пржинскиот договор (2015 година), опозициската ВМРО-ДПМНЕ треба да раководи со министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика, како и да има три дополнителни заменици министри – за финансии, за земјоделство и за информатичко општество и администрација.

 

Хронологија на едно опсесивно барање

Но, како дојде до договорот за редовни, двојни избори во април-мај следната година? ВМРО-ДПМНЕ со години бараше предвремени парламентарни избори сѐ до 20 октомври, кога лидерот на партијата, Христијан Мицкоски порачувајќи дека за „танго и љубов се потребни двајца“ , призна:

 Еве им признавам дека победија, нема предвремени избори, редовни ќе бидат изборите.

Мицкоски, во изминатите шест години, oткако дојде на претседателската функција во ВМРО-ДПМНЕ (23.12.2017), упорно го повторуваше барањето за предвремени избори. Тој само што стана лидер на ВМРО-ДПМНЕ, почна да бара предвремени избори и предлагаше тие да се одржат заедно со претседателските – пролетта 2019 година. Истото барање го наметнуваше и во јавните настапи наредниот период, продолжи да го истакнува пред локалните избори, а на тоа инсистираше и по нивното одржување есента 2021 година.

Ова, всушност беше во континуитет неизоставно барање на ВМРО-ДПМНЕ и на Мицкоски, своевидна константа и додека беше Заев премиер, и кога на негово место дојде Ковачевски. Мицкоски едно време (септември 2022 година) бараше дури во ист ден да има: референдум на кој народот ќе одлучува дали е „за“ или „против“ Договорот со Бугарија, предвремени парламентарни и претседателски избори.

Тој и во текот на целата оваа година не престана опсесивно да бара предвремени парламентарни избори. На самиот почеток на 2023 година (3 јануари) од Неготино кажа дека е сигурен оти граѓаните ќе ѝ дадат огромна поддршка на неговата партија на изборите, за кои се заложи да се одржат напролет – во текот на мај.

Мицкоски го повтори барањето за предвремени избори и за Водици (19 јануари) во Охрид. А продолжи со ваквото инсистирање и наредниот период и спинуваше декамнозинството во СДСМ, членови, министри и дел од пратеници заговараат избори, бидејќи не гледаат излез од ќор сокакот..“. Говореше дека „имал сигнали од пратеници на СДСМ и ДУИ за обезбедување мнозинство од 61 пратеник за распуштање на Собранието и распишување предвремени избори.

Но, не само за вонредни избори, Мицкоски зборуваше и дека не треба да има техничка влада.

Ние јавно подадовме рака за предвремени парламентарни избори, дури и рековме ако е услов 100 дена техничка влада, јавно се откажуваме и ја фрламе ракавицата дека не треба да има 100 дена техничка влада и дури не треба воопшто да ја има и веднаш да го смениме законот, изјави  тој за време една негвата посетата на Битола во средината на март оваа година.

Па следеше барање за преодна влада без ДУИ, ама брзо си „легна на брашното“.

 

Опозицијата се „залепи“за изборите, власта за уставните измени

Наспроти настојчивоста на опозицијата за предвремени избори, власта се обидуваше да ги убеди партиите да ги изгласаат уставните измени во Собранието, и со тоа заеднички да застанат зад европската иднина на земјата. А, веднаш по усвојувањето на уставните измени да се распишат предвремени парламентарни избори, како компромисно решение кое би довело до продолжување на европскиот пат и обединување околу стратегиските интереси.

Арно ама, по средбата со премиерот Ковачевски (7 јуни), Мицкоски на прес-конференција го повтори ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да поддржат „уставни измени под бугарски диктат …“, истовремено истакнувајќи  дека власта нема двотретинско мнозинство во парламентот и дека треба да се оди на предвремени парламентарни избори.

И на средбите кои во тоа време ги имаше во Брисел со претставници на Европската народна партија (сестрински партии на ВМРО-ДПМНЕ), Мицкоски ја кажуваше истата „песна“:

ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати никаков договор што ќе биде под бугарски диктат.

Летото, на почетокот на јули, Мицкоски ги прекина сите официјални комуникации со власта, дециден дека за ВМРО-ДПМНЕ повеќе нема ништо на преговарачката маса, освен избори. Од друга страна, власта остана на ставот дека предвремени избори не се решение и најави дека уставните измени влегуваат во собраниска процедура.

И во август ВМРО-ДПМНЕ продолжи да инсистира на предвремени избори и на тоа дека уставни измени не се опција за државата, став реафирмиран и на седницата на  Извршниот комитет на партијата. Мицкоски повика на лидерска средба за предвремени парламентарни избори и се пожали дека власта им врши тортура, а исто така, наводно молела и претставници на меѓународната заедница да вршат тортура врз ВМРО-ДПМНЕ, за партијата да прифати да се смени Уставот.

Истиот наратив го слушавме и во наредниот период. Мицкоски, на партиски настан во Кичево рече дека Европа и светот прават стратегија како да го скршат ВМРО-ДПМНЕ за нивните 44 пратеници да ги изгласаат, „предавничките уставни измени во парламентот скроени по бугарски диктат“.

На крајот на август Мицкоски и на заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар му кажал дека:

Единствено решение за излез од една ваква исклучително тешка ситуација, се одржување на предвремени парламентарни избори на кои граѓаните ќе изберат влада со легитимитет.

Ескобар тогаш беше во дводневна посета на С.Македонија и имаше средби со државниот врв, по започнувањето на собраниската процедура за усвојување на уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот, како услов земјава да ја одржи втората меѓувладина седница и да ги продолжи преговорите со ЕУ.

 

Мицкоски се помири – избори во редовниот термин

Есента, откако стана јасно дека нема да има предвремени избори, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ во средината на октомври побара вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори да се одржат на ист датум. Мицкоски кажа дека единствен ваков датум би можело да биде неделата на 5 мај, а поради тоа што тогаш се паѓа Велигден, предложи изборите да се одржат на 8 мај (среда).

На 18 октомври премиерот Ковачевски порача дека изборите ќе се одржат во редовен термин, но остави простор за договор со опозицијата за точниот датум.

Два дена подоцна (20 октомври) Мицкоски соопшти дека опозицијата се откажува од притисокот за одржување на предвремени избори. ВМРО-ДПМНЕ се согласи изборите да бидат во редовниот термин и прифати учество во работните групи кои ќе треба да го утврдат датумот на изборите во 2024 година. На 23 октомври Мицкоски предложи парламентарни и претседателски избори помеѓу Велигден и Рамазан Бајрам.

Но, владејачката партија СДСМ инсистираше претседателските и парламентарните избори догодина да се одржат во редовниот термин и одвоени едни од други.

Во средината на ноември следеше изненадувачка најава на ДУИ дека немаат проблем со одржувањето на изборите, односно дека се подготвени во ист ден да се одржат претседателските и парламентарните избори.

На 20 ноември и Ковачевски  кажа оти за него е прифатливо парламентарните избори да се одржат во мај. Тој од Прилеп порача дека има доволно простор во мај догодина да се одржат претседателските и парламентарните избори.

Два-три дена подоцна, на 23 ноември, Ковачевски најави средба со лидерите на парламентарните партии за датумот за изборите, која ќе се одржи во Собранието во декември.

На 27 ноември претседателот на Собранието, Џафери објасни дека доколку 8 мај е прифатлив датум за одржување на парламентарните и на вториот круг од претседателските избори, тогаш тие би се распишале најдоцна на 28 февруари, а техничката влада би требало да се формира до 28 јануари.

Потоа, на лидерска средба на 4 декември парламентарните политички партии конечно се договорија првиот круг од претседателските избори да се одржи на 24 април, додека на 8 мај да се одржат парламентарните и вториот круг од претседателските избори.

Во меѓувреме, опозицијата повторно  побара „бришење“ на техничката влада „само ДУИ со стотици скандали зад себе да нема технички премиер“. Но , ова повеќе беше политички маркетинг пред избори, отколку реално барање.

Мицкоски денес (27.12.2023) на брифинг со новинарите кажал дека ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува, но нема да гласа за техничката Влада. Тој, посочил дека не го ценат Џафери, бидејќи ништо не направил како претседател на Собрание, за што било да очекуваат од него како технички премиер.

Согласно уставните и законските рокови, инаугурацијата на претседателот на државата може да се одржи на 12 мај, конститутивната седница на Собранието би се одржала 20 дена по изборите, односно до 28 мај, а новата влада би требало да биде избрана до крајот на јуни 2024 година.

Деновиве Ковачевски во интервју за „Студио 10“ на Телевизија 24 изјави дека на изборите ќе се судрат два концепта, два блока кои природно се издиференцираа:

Едниот ќе биде про-европски блок кој се залага за интеграција на државата, а вториот ќе биде анти-европски блок којшто, според кажувањето на лидерот на тој анти-европски блок, Македонија можела да чека уште 100 години, а да не влезе во Европска унија.

До изборите име уште четири месеци, во кои несомнено атмосферата уште повеќе ќе се разгорува, а јазот меѓу овие два блока дополнително ќе се продлабочува.

Пишува: Оливера Војновска