Ковачевски вели дека изборите ќе бидат во редовен термин, за датумот допрво ќе има договор

Ова е одговорот на Ковачевски по вчерашното барање на Христијан Мицкоски вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори да се одржат во среда, на 8 мај

Извор на фотографија: Влада на РСМ

Премиерот Димитар Ковачевски денеска му порача на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека изборите догодина ќе се одржат во редовен термин, но  остави и простор за договор со опозицијата за точниот датум. Ова е одговорот на Ковачевски по вчерашното барање на Христијан Мицкоски вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори да се одржат во среда, на 8 мај.

„Уште во моето експозе кога станав претседател на Владата кажав дека ќе имаме редовни избори, опозицијата во неколку наврати тврдеше дека ќе има предвремени избори и сега да каже дека ќе има редовни избори, така што тоа прашање е одамна апсолвирано“, рече денеска во одговор на новинарско прашање претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски.

Премиерот вели дека терминот на одржување на редовните претседателски избори, како и за редовните парламентарни избори, треба да бидат предмет на дискусија меѓу сите партии, потенцирајќи ги законските рокови кои мора да се почитуваат.

„За датумот на изборите тоа веќе е предмет на дискусија помеѓу сите политички партии, не помеѓу две политички партии“, изјави Ковачевски.

Тој додава дека ВМРО-ДПМНЕ не учествувала во работната група за измените на Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ и ОДИХР. Премиерот се надева дека таа ќе биде формирана и дека сите ќе бидат на исто ниво на информираност. Датумот треба допрво да биде утврден, порача Ковачевски.

„Кога ќе бидат усогласени сите ставови тогаш може да биде информирана и јавноста. Дотогаш сè е на ниво на желби, на ниво на шпекулации а јас никогаш не комуницирам ни на ниво на желби ни на ниво на шпекулација“, рече претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски.