fbpx

Шилегов: Премиере, ако не сте сопственик на плацот на Водно, што криете?

-

Пратеникот од СДСМ, Петре Шилегов, на денешната седница во Собранието, посветена на пратенички прашања, директно го праша премиерот Никола Груевски дали е тој сопственик на плацеви на Водно.

Шилегов рече дека неговата партија, по доаѓањето на власт, ќе направи законски измени со кои, сите офшор-компании ќе бидат обврзани да ги кажат имињата на вистинските сопственици и, во спротивно, секој имот на територија во Македонија ќе биде предмет на конфискација.

– Вие побрзавте фирмата од Белизе да ја продадете на еден познат бизнисмен, кој е близок со Вас и со Вашиот братучед Сашо Мијалков од страв дека ќе Ви биде земена – му рече Шилегов на Груевски.

Тој покажа  лист за кој рече дека е тековната состојба на компанија под име „Сирак инженеринг“.

– Директор со неогранични овластувања е Ристе „Дијализа“ Новачески, за него знаеме и доста други работи. Кум од Вашиот прв брак, брат на Лена, Вашата лична секретарка. Ова е нотарскиот акт за Вашиот плац. За да биде поинтересна работата, во овој нотарски акт е доставена и одлука која е донесена од сопственикот на удел од „Сирак инжинеринг“. Со таа одлука, која се наоѓа во овој нотарски акт, е наведено кој е сопственик на овој плац – рече Шилегов.

Тој рече и дека премиерот Груевски до 2013 година ги завршил сите договори, за да стекне сопственост на плац од 15.000 квадратни метри на Водно.

– Да Ве потсетам, кога во 2001 година се обелодени скандалот за купувањето плацеви од страна на Љубчо Георгиевски, тој го продаде по брза трансакција, знаејќи дека ќе ги загуби изборите. Дали и Вие сте свесни дека ги губите изборите и го продавате овој плац – го праша Шилегов премиерот.

Премиерот демантираше дека има поврзаност со плацевите за кои говорел пратеникот на опозицијата.

– Извади некои документи кои се, главно, јавни документи, до кои веројатно има пристап секој граѓанин. Сакам да му повторам дека немам никаква поврзаност со плацевите за кои зборува. Ниту сум бил, ниту сега сум сопственик – рече Груевски.

Шилегов, незадоволен од одговорот, побара од Груевски да открие кој стои зад „Сирак инженеринг“.

– Премиере, ако навистина не сте сопственик, што криете? Вашиот кум и добар пријател е именуван за управител на „Сирак инжинеринг“, веројатно знае кои му се газдите. Сè што треба да направите е да кренете телефон и да го прашате кои му се работодавци. Ако немате врска со ова, во Ваш интерес е да се види кој стои зад „Сирак инжинеринг“ – рече Шилегов.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...