Австрија го повика на разговор турскиот амбасадор во Виена да ја објасни поврзаноста на Анкара со демонстрациите во Австрија во знак на поддршка на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој спроведува остри мерки по неуспешниот обид за државен удар, изјави денеска шефот на австриската дипломатија, Себастијан Курц.

Тој изјавил дека амбасадорот ќе биде прашан дали турските официјални лица охрабриле илјадници луѓе во Австрија да излезат на улиците во знак на поддршка на Ердоган.

– Сакаме да разјасниме во кој правец ќе се движи Турција – изјавил Курц во иунтервју за радио ОРФ.

Тој истакнал дека имаат докази дека повикот за демонстрации во Виена во корист на Ердоган бил директно од Турција, поради што сакале да испратат протестна нота.

Ердоган синоќа прогласи тримесечна вонредна состојба, проширувајќи ги острите мерки против илјадници припадници на безбедносните сили и на судската администрација, цивилните служби, академските кругови.