Што содржи конзилијарното мислење за младиот Леонид: „Исцрпени се сите можности за лекување во Македонија“

Документот до кој дојде Мета.мк јасно покажува дека младото момче кое во февруари со хеликоптер од Одделот за воздухопловни единици при МВР беше пренесено во Виена, а за кое Фондот за здравствено осигурување сега даде негативно мислење за негово лечење во странство, според конзилијарното мислење на надлежните лекари - навистина нема каде да се лечи во земјава

Колаж со фотографија од Клиника Жан Митрев

Тројца доктори, заедно со медицинскиот и организацискиот директор на Универзитетската клиника ТОАРИЛУЦ (Tрауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар), на 25 јануари годинава го потпишале конзилијарното мислење со кое 18-годишниот Леонид Индов се упатува на лекување во странство, затоа што се исцрпени сите можности за негово лекување во земјава.

Документот до кој дојде Мета.мк јасно покажува дека младото момче кое во февруари со хеликоптер од Одделот за воздухопловни единици при МВР беше пренесено во Виена, а за кое Фондот за здравствено осигурување сега даде негативно мислење за негово лекување во странство, според конзилијарното мислење на надлежните лекари – навистина нема каде да се лекува во земјава. Спротивно на ова, од Фондот за здравство, пак, тврдат дека Леонид може да се лечи во некоја од установите во земјава со кои имаат склучено договор.

„Неможност да се спроведе соодветното лекување или некоја од фазите на лекувањето во здравствените установи во Република Македонија“. Ова е основната причина поради која Леонид треба да се испрати на лекување во странство, според тројцата доктори од УК ТОАРИЛУЦ.

Но, првостепената комисија од ФЗО на чело со Соња Петрова, одлучила спротивно на ова. Од Фондот за здравство вчера изјавија дека стојат зад ваквата одлука, бидејќи не станувало збор за лекување, туку за „медицинска рехабилитација“.

„Барањето на осигуреното лице Б. И. од Скопје, за неговото дете Л.И. за упатување на лекување во странство се одби како неосновано зошто не се работи за упатување на лекување во странство, туку за извршување на здравствената услуга медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување. Медицинската рехабилитација како продолжено болничко лекување, Фондот за осигурените лица ја обезбедил во здравствените установи во Р.Северна Македонија со кои склучил договор. Според Законот за здравственото осигурување, осигуреното лице може да користи болничко лекување во странство со одобрение на Фондот, само ако е во прашање заболување кое не може да се лекува во државата, а во земјата во која осигуреникот се упатува постои можност за успешно лекување на тоа заболување. Под истите услови се користат во странство и здравствени услуги на контролни прегледи кои се однесуваат на веќе извршено болничко лекување во странство одобрено од страна на Фондот, а кои не можат да се извршат во Република Северна Македонија“, изјавија од Фондот за здравство.

Таткото на Леонид, Бранко Индов, бара од надлежните да му соопштат која е таа здравствена установа која може да го прими и спаси неговиот син.

„Ова е несреќно и жално за сите нас. Ја замолувам претседателката на првостепената комисија, Соња Петрова, лично да ми одговори по која основа е донесено негативното мислење. Јас зар би го пратил во Австрија ако знам дека има надеж за него, тука во Македонија? Па самите доктори кажуваа дека во земјава е направено сé што може. Моето дете дише на респиратор, тој е неподвижен, има посебни методи и техники како тој да се врати на обично дишење. Еве нека ми кажат каде да го носам, која установа во земјава ќе го прими? Не знаете каква болка имаме во нашата фамилија, само поради него живееме“, изјави вчера Индов за Мета.мк.

И во конзилијарното мислење пишува дека за Леонид е потребна „респираторна терапија, говорна терапија и стимулација на дијафрагмата“, односно дека станува збор за лекување, а не за рехабилитација.

„Дали ФЗО манипулира со случајот на Леонид Индов? Во мислењето на лекарскиот конзилиум е наведено: да се овозможи болничко лекување (не рехабилитација), лицето се упатува на лекување во странство ‘во нашата установа, поради недостаток на искуство за третман на оваа состојба и недостаток на технички можности ова лекување не може да се овозможи’. Како тоа ФЗО тврди дека лекувањето може да се спроведе во државата? Во која установа? Одговорите на овие прашања ФЗО ги должи не само на Леонид и неговото семејство, туку и на целокупната јавност“, изјави заменик-народниот правобранител Јован Андоновски.

Лекувањето на Леонид во Виена за шест месеци чини 300.000 евра. Половина од сумата веќе беше собрана преку донации и преку заштеди на семејството. За другата половина од сумата, се очекуваше Фондот да ги покрие средствата.

Младиот Леонид беше испратен во Виена на 6 февруари со хеликоптер од Одделот за воздухопловни единици при МВР. На настанот присуствуваше персоналот и управата на Градската општа болница 8 Септември, доц. Д-р Татјана Тројиќ спец. анестезиолог, Др. Јасмина Панова спец. анестезиолог, мед.сестра анестет. Марина Јанчева и проф. д-р Христијан Костов, со дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев и директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски.

Индов минатото лето доживеа тешка несреќа додека беше на патување во Грција, каде ги повреди третиот, четвртиот и петтиот пршлен. Тој итно беше пренесен во Солун каде му беа направени неколку успешни операции, за кои се собираа средства од над 200 илјади евра. Младото момче во моментов дише на апарати и не може да ги движи екстремитетите.

Семејството сега има можност да се жали до второстепената комисија до Фондот за здравство. Во меѓувреме, голем број граѓани се организираат и собираат пари за неговото лекување во Виена.

Две недели откако го испратија со хеликоптер, ФЗО даде негативно мислење за лекување на Леонид во Виена