fbpx

Петличковски: Имаме 56 случаи на пертусис, состојбата не е стабилна, но е под контрола

Родителите треба да се совесни и да ги вакцинираат своите деца оти тоа е основен принцип на заштита. Ако сите деца се вакцинирани, нема да зборуваме за дифтерија, за пертусис, за морбили. 95 отсто вакцинирани против било кој патоген, ни гарантира дека имаме безбедна популација, рече д-р Злате Мехмедовиќ

-

Состојбата со голема кашлица е под контрола, иако не е стабилна бидејќи има пораст на потврдени случаи, заклучно со денеска вкупно се 56, соопшти денеска на прес-конференција претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Александар Петличковски. Од вкупниот број заразени, 46 се од главниот град. 14 се деца под една година, а 9 се деца од 1 до 4 годишна возраст.

„16 од заболените се невакцинирани, а 12 се некомплетно вакцинирани. Сега се појавуваат и адолесценти, деца од 10 до 14 години. Очекуваме и кај повозрасните да има зголемување на бројот на случаи. Нашата најголема грижа е спречување на ширењето на инфекцијата кај децата, оти тие се најризични. Останува препораката на надоместување на непримените и пропуштени вакцинални дози. До 14 февруари, во земјата се вакцинирани 13.000 деца, што е солиден одзив, но работата не е завршена оти имаме уште неклку илјади деца кои треба да се вакцинираат“, кажа Петличковски.

Тој информира дека е подготвено Упатство за однесување и постапки во услови на епидемија, кое до крај на неделата треба да биде објавено.

„Во следниве денови очекуваме да се проценат лабораториите кои исполнуваат услови за тестирање за пертусис, како и да се назначи референтна државна лабораторија, во која ќе се потврдуваат случаите на пертуси“, додаде Петличковски

Возрасните заразени лица се на возраст до 49 години. Болеста за возрасни не е тешка и за неа има достапен лек и нема потреба од страв. Возрасните како преносители се опасни за малите деца, па затоа, членовите на Комисијата за заразни болести препорачува и нивна заштита – со хемопрофилакса (антибиотици) и вакцина.

„Во моментов вакцини за возрасни нема, но прашање на ден е кога ќе ги имаме. Од следната недела ќе можеме да сметаме на овие дози. Вакцините обезбедуваат имунитет кој трае 5 до 10 години солиден. Возрасните не мора да примаат засилувачки дози. Возрасните кои имаат дома мали деца под 1 година, треба да имаат ваква доза за да не ја пренесат болеста на нив. Вакцините се бесплатни за сите, никој не ги плаќа, посебно во услови на епидемија и загрозување на јавното здравје“, додаде Петличковски.

Д-р Злате Мехмедовиќ, портпаролот на Комисијата за заразни болести, кажа дека имаме во регионот голем број на заразни заболувања.

„Во Романија се пријавени голем број на случаи на морбили, а и во Албанија состојбата ескалира. Ова е причина уште еднаш да кажеме дека родителите треба да се совесни и да ги вакцинираат своите деца оти тоа е основен принцип на заштита. Нема да се случи ништо ако сите деца се вакцинирани, тогаш нема да зборуваме за дифтерија, за пертусис, за морбили. 95 отсто вакцинирани против било кој патоген, ни гарантира дека имаме безбедна популација“, потсети Мехмедовиќ.

Од голема кашлица, населението може да се заштити само со вакцината ДиТеПер, која се прима пет пати во текот на животот, во детската возраст. Првата ревакцинација со ДиТеПер, почнувајќи од 2015, бележи континуирано опаѓање достигнувајќи најнизок опфат од 66 отсто во 2020 година. Во 2022 година се регистрира намалување на опфатот (69,3 отсто) во однос на 2021 година (72,8 отсто). Просечниот опфат за периодот 2017-2021 година изнесува 78,1 отсто и е повисок од регистрираниот опфат во 2022 година.

 

 

 

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...