fbpx

Две недели откако го испратија со хеликоптер, ФЗО даде негативно мислење за лекување на Леонид во Виена

Јас зар би го пратил во Австрија ако знам дека има надеж за него, тука во Македонија? Па самите доктори кажуваа дека во земјава е направено сé што може. Моето дете дише на респиратор, тој е неподвижен, има посебни методи и техники како тој да се врати на обично дишење. Еве нека ми кажат каде да го носам, која установа во земјава ќе го прими, прашува таткото на Леонид, Бранко Индов

-

Пред точно две недели, на 6 февруари 2024 година, во 06.30 часот, главната вест во медиумите беше првиот меѓународен лет во историјата на современата македонска држава со хеликоптер од Одделот за воздухопловни единици при МВР, со кој за медицинско лекување од Скопје до Виена, Австрија беше транспортиран пациент – младото момче Леонид Индов.

Овој настан одекна со голем аплауз и поздрав, со надеж дека младиот Леонид конечно ќе може да ја има потребната нега, лекување и рехабилитација, која во Австрија требаше да трае 6 месеци.

Фото: МВР

Наместо тоа, за само две недели откако Леонид е во Виена, првостепената комисија од Фондот за здравствено осигурување дала негативно мислење во однос на лекувањето на Леонид во странство, и покрај конзилијарното мислење на докторите кои го препорачале лекувањето и рехабилитацијата. За ова првично соопшти заменик народниот правобранител Јован Андоновски на својот профил на Фејсбук.

„Фондот за здравство и покрај конзилијарното мислење дека лицето мора да се лекува во странство, носи решение со кое се одбива барањето‼️ При тоа, во решението воопшто не се наведува која установа ја нуди потребната услуга, туку само дека лекувањето е можно во Македонија. Државата си игра со човечки живот. Барам ФЗО да ја преиспита одлуката“, напиша Андоновски.

Мета.мк стапи во контакт со таткото на Леонид, Бранко Индов, кој вели дека за неговиот син не постои друга надеж освен лекување и рехабилитација надвор од државата.

„Ова е несреќно и жално за сите нас. Ја замолувам претседателката на првостепената комисија, Соња Петрова, лично да ми одговори по која основа е донесено негативното мислење. Јас зар би го пратил во Австрија ако знам дека има надеж за него, тука во Македонија? Па самите доктори кажуваа дека во земјава е направено сé што може. Моето дете дише на респиратор, тој е неподвижен, има посебни методи и техники како тој да се врати на обично дишење. Еве нека ми кажат каде да го носам, која установа во земјава ќе го прими? Не знаете каква болка имаме во нашата фамилија, само поради него живееме“, вели Индов за Мета.мк.

Од Фондот за здравствено осигурување велат дека согласно Правилникот за специјализирана медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување, Фондот за осигурените лица ја обезбедил во здравствените установи во Р.Северна Македонија со кои склучил договор.

„Барањето се одбива како неосновано, согласно законските и подзаконските одредби за упатување на лекување во странство за извршување на здравствената услуга медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување, поради тоа што Фондот за осигурените лица ја обезбедил во здравствените установи во Р.Северна Македонија со кои склучил договор“, се вели во одговорот на ФЗОРСМ.

Младиот Леонид беше испратен во Виена со хеликоптер од Одделот за воздухопловни единици при МВР. На настанот присуствуваше персоналот и управата на Градската општа болница 8 Септември, доц. Д-р Татјана Тројиќ спец. анестезиолог, Др. Јасмина Панова спец. анестезиолог, мед.сестра анестет. Марина Јанчева и проф. д-р Христијан Костов, со дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев и директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски.

Фото: МВР

Индов минатото лето доживеа тешка несреќа додека беше на патување во Грција, каде ги повреди третиот, четвртиот и петтиот пршлен. Тој итно беше пренесен во Солун каде му беа направени неколку успешни операции, за кои се собираа средства од над 200 илјади евра. Младото момче во моментов дише на апарати и не може да ги движи екстремитетите.

„Јас повеќе од 20 години плаќам здравствено осигурување и се прашувам за што. Гледам дека Леонид додека е во Виена има позитивна енергија, многу луѓе помагаа да се соберат средства, бидејќи станува збор за многу пари, но немаме друг избор зошто во Македонија нема каде да се лекува и рехабилитира“, вели таткото на Леонид.

Семејството на младото момче сега ќе се жали пред второстепената комисија во Фондот за здравствено осигурување.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Патот до слободниот пристап до информации поплочен со тужби, нетранспарентност и молк од администрацијата

Колкава плата зема одреден министер, директор, функционер? Колку пари потрошиле пратениците за патни трошоци? Колку судски пресуди се донесени за семејно насилство? Колку чинело новогодишното украсување за секој град...