fbpx

Кривични пријави за поранешни општински и раководители на јавни претпријатија

-

СВР од Охрид им поднесе кривични пријави на В.Ц. (52), директор на ЈП „Нискоградба“, и на Е.С. (60), раководител во одделението за комунален развој во Општина Охрид, поради основано сомневање дека ја злоупотребиле службената положба и овластување, информираше портпаролот на Секторот, Стефан Димоски.

Првопријавениот В.Ц., во својство на директор на ЈП „Нискоградба“од Охрид, со неизвршување на својата службена должност, без склучен писмен договор за изведување водоводни линии или инсталации, без добиена потребна документација и без извршен надзор од порачувачот МЈП „Проаква“ од Струга – РЕ „Водовод“ Охрид, одобрил ЈП „Нискоградба“ од Охрид, како изведувач, во 2011 година во Охрид да почне и за потребите на порачувачот да изведе реконструкција на гравитациона водоводна линија Ф450 од бензинска пумпа „Макпетрол“ до каптажа „Бејбунар“.

Второпријавениот Е.С. во својство на службено лице, раководител во одделението за комунален развој во Општина Охрид, со неизвршување на својата службена должност, без да прибави потребна градежна и правна документација – проекти, одлуки, пресметки и друга неопходна документација, на 16 јули 2011 година изготвил, потпишал, заверил и до ЈП „Нискоградба“ доставил налог за работа за реконструкција на истата водоводна линија на потег „Бејбунар“. Тоа го направил иако знаел дека работните ангажмани на истата линија од ЈП „Нискоградба“ веќе биле почнати предходно, пред три и пол месеци, без склучен писмен договор помеѓу порачателот и изведувачот.

На овај начин пријавените му нанеле значителна штета на ЈП „Нискоградба“, кое реконструирало – изградило гравитациона линија за која од 2011 година од ЈП„Проаква“ и од Општина Охрид не можела да го наплати својот работен ангажман и вграден материјал во износ од 11.323.836 денари (околу 182.000 евра). Штетата по јавното претпријатие се согледува и од дополнителното водење на судски спорови и трошоци за наплата на овој износ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.