fbpx

Критики за Законот за висока раководна служба, тешко може да се избегне политичко влијание

Владата повторно ќе го има последниот збор, а со тоа и политичкото влијание за избор и назначување на високите раководни службеници, односно на државни секретари, директори на органите во склоп на министерствата, управните организации

-

Владата повторно ќе го има последниот збор, а со тоа и политичкото влијание за
избор и назначување на високите раководни службеници, односно на државни
секретари, директори на органите во склоп на министерствата, управните
организации и директорите на независните тела основани со посебен закон.  Комисијата која што треба да го избере високиот раководен кадар ќе биде избрана од
Владата, а на крајот, министерот ќе треба да избере еден од тројцата кандидати
избрани од комисијата.

Ова, меѓу другото, беше кажано на презентацијата и на расправата за предлог-законот
за висока раководна служба, кој е ветен уште од 2018 година, но кој никако да се усвои поради немање политичка волја, пренесува Порталб.мк.

Министерот за информатичко општество, Азир Алиу во своето излагање истакна дека
предложениот модел се заснова на принципите на рационалност, демократија и транспарентност.

„Овие принципи се основа за градење на професионална и политички неутрална администрација, каде политичките цели се реализираат преку активностите на вработените во јавниот сектор под водство на високите раководители, со што се овозможува ефикасност и рационално користење на ресурсите во остварувањето на целите и стратешките приоритети на Владата и другите релевантни институции од јавниот сектор. Професионализацијата на структурата би значело дека ќе ги имаме најдобрите лидери кои можат да спроведуваат поуспешни, поефикасни политики за граѓаните“, рече Азири.

Како што истакна Азири, системот за висока раководна служба, кој со овој закон се предлага како нешто ново, мора да обезбеди постигнување на две клучни цели – високи професионални раководители, избрани преку отворена и меритократска процедура (врз основа на нивните професионални компетенции) и воспоставување на односи на доверба и одговорност меѓу избраните и политички именуваните лица и високите реководители.

Генералниот секретар на Владата, Методија Димовски истакна дека оваа идеја не е толку нова, на неа активно се работи уште од 2018 година, но како идеја за висока раководна служба е од 2005 година.

„Се разбира дека за нешто да се реализира, секогаш треба да се поклопат сите елементи, да се поклопи времето, просторот и луѓето и така натаму, па може да се каже дека сега сè си дошло на свое место и можеме да го финализираме тоа што треба да го направиме. Поентата на високата служба, всушност, е првенствено да и се стави крај на приказната дека имаме политички менаџмент во администрацијата. Ова е клучната порака што сакаме да ја испратиме со усвојувањето на овој закон, а сите технички работи за избор, евалуација и слично не се нови, не измислуваме топла вода, туку практично ја следиме добрата пракса која уште одамна е воспоставена кај државната служба. Постапката за избор е речиси идентична. Нашата идеја е да за неполни два месеци овој предлог-текст се најде пред пратениците. Таму треба да почне дискусијата која како резултат треба да го има усвојувањето на овој закон“, рече Митевски.

Новинарот на Порталб.мк, го праша министерот Азири дали ќе има политичка волја за усвојување на овој закон, со оглед на тоа што тој е четвртиот министер што го промовира овој закон. Тој нагласи дека овој пат ќе биде усвоен.

„Ние сме создале навика да имаме инженерски пристап кон процесите, затоа ви гарантирам дека по четврти пат ќе се гласа и ќе се заврши“, рече Азири.

Сериозни забелешки за предложениот закон

Членот на Државната Комисија за спречување на корупцијата, Нури Бајрами, го критикуваше МИОА дека не ги консултирале ДКСК за спроведување на антикорупциска проверка на законот. Тој спомена некои спорни членови кои оставаат простор за злоупотреба.

„Како ќе се спречи политичкото влијание врз Комисијата за избор на одбори, ако самата Влада ќе ги формира и ако именувањето повторно се враќа во надлежност на Владата и на органите на Владата? Ова ќе биде само еден нов начин на избор и именувања, влијанието е присутно како потенцијално влијание“, рече Бајрами, додавајќи дека е неблагодарно и некоректно што не ДКСК не била консултирана.

Генералниот секретар Митевски нагласи дека со овој закон на министерот му се
овозможува да избере од тројцата конечни кандидати кои ќе ги поминат филтрите на законот, а присутните рекоа дека обично нема многу пријавени на конкурсите и поради оваа причина министерот многу лесно ќе може да именува некој свој близок.

„Во државна служба не може да се очекува голема конкуренција, понудените три веројатно се многу мал број токму затоа излегува дека можеби неформалниот фаворит може многу лесно да влезе во тие три и тоа овозможува да се добие тој ефект на партизација бидејќи, ако е во тие три, практично ги исполнува условите, меѓутоа, вистинската причина е партиската припадност и не е некоја друга карактеристика која се објаснува со теоријата за човекови ресурси“, рече Миша Поповиќ од Институтот за демократија Социетас Цивилис, додавајќи дека законот не предвидува како ќе се објасни изборот на високиот раководен кадар.

Предлог-законот првично беше доставен до Собранието во 2019 година и помина на прво читање, но во 2020 година МИОА побара да се врати, за да се усогласи со Законот за административни службеници и Законот за вработување во јавниот сектор. Законот сега е коригиран и повторно е во ЕНЕР, а потоа ќе биде испратен до Владата и Собранието.

Инаку, Порталб.мк на 22 април годинава во својата анализа објави дека Азир Алиу во последните пет години е четврт министер за информатичко општество и администрација, по Дамјан Манчевски, Јетон Шаќири и Адмирим Алити, од кој се очекува да продолжи со посветеноста за усвојувањето на законот за висока раководна служба или за именување на директори според професионалните услови и партиската припадност.

Досега владејачките партии не покажале волја за усвојување на овој закон, затоа што им се пореметува поделбата на „колачот“ која се прави при поделбада на власта. Ова директно го потврди и Адмирим Алити во октомври 2022 година, кој кога беше министер рече дека „усвојувањето и усогласувањето на законот со мислењето на политичките чинители оди бавно затоа што високите раководни позиции се главниот плен кој го добиваат партиите при поделбата на власта”.

Граѓанскиот сектор во мај 2022 година изрази скептицизам за усвојувањето на законот за висока раководна служба, затоа што истиот се ветува со години, но сè уште не е усвоен.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...