Бугарски медиуми: Остри реакции по средбата на дечиња од С.Македонија со бугарскиот претседател

Истрагата почнала по пријава од СВР Битола до Обвинителството против ликовното студио „Мал Битолски Монмартр“, обелодени министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во текот на реализацијата на иницијативата „Отворен Кабинет“

Фото: Кабинет на претседател на Бугарија.

Северна Македонија води истрага за средба на македонски деца со бугарски политичари, вклучително и со бугарскиот претседател Румен Радев, пренесува mediapool.bg.

Истрагата почнала по пријава од СВР Битола до Обвинителството против ликовното студио „Мал Битолски Монмартр“, обелодени министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во текот на реализацијата на иницијативата „Отворен Кабинет“.

Студиото носело деца неколкупати во Бугарија, вклучително и поради средби со бугарски политичари, меѓу кои и со бугарскиот претседател Румен Радев.

Министерот за внатрешни работи објасни дека за случајот дознал од медиумите. Според Оливер Спасовски, немало жалби од родителите на деца-членови на студиото коишто патувале во Бугарија и биле фоготрафирани на средби со бугарски политичари.

Овој случај, пренесуваат бугарските медиуми, предизвика вознемирување кај одредени политичари во Бугарија. Поранешната бугарска вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, оцени дека „со овој развој, владата на Северна Македонија достигнала ново дно“.

„Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски нареди на полицијата да почне предистражна постапка против учител што донел деца да сликаат во Бугарија – пред Народниот тетар и во Пловдив, а потоа го посетиле бугарскиот парламент и претседателството. Не знам дали колегите сфаќаат како ова изгледа – како да прават очајнички чекори да се присоединат на еден многу фамозен светски клуб. Не, не станува збор за ЕУ. Туку за се послабиот клуб на тоталитарните режими“, напиша Захариева, моментално само пратеничка на ГЕРБ.

За случајот, како што пренесуваат македонските медиуми, со реакција се јавиле и од невладината „Меѓаши“.

„За жал, наместо децата да се третираат сериозно, тука се користат како инструмент за политички цели, со изговор за развивање добрососедски односи. Го повикуваме Основното јавно обвинителство (ОЈО) да преземе соодветни мерки особено поради инволвирање на децата од Македонија во политички кампањи во друга земја и неколкукратно прекршување на правата на децата согласно Конвенцијата за правата на детето и Член 12 став 4 од Законот за заштита на деца: ‘Се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување“, порачуваат од „Меѓаши“, пренесува „Телма“.

Овој настан, како што се пренесува, се случил пред неколку месеци во организација на фондацијата Бугарска Меморија на бугарскиот тајкун Милен Врабевски, кој ги финансира и клубовите „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“ во Македонија. Во рамките на проектот од  „Од двете страни на границата“ Врабески го платил  5-дневниот престој на 10 деца  од детското ликовно студио „Св Кирил и Методиј“ од Битола. Од раководството изјавиле дека нема ништо спорно во овој проект, за кој велат гради културни мостови меѓу двата народа, а децата во Бугарија допатувале со согласност на родителите.