Фото: Isaac Quesada on Unsplash

Ковид-19 пандемијата и нејзиното влијание врз здравјето на населението предизвика во С. Македонија во 2020 година да починат за 26 отсто повеќе лица во споредба со претходната година. Лани починале 25.775 жители, и тоа е најголем број на починати на годишно ниво од 1995 година наваму, покажува Годишниот извештај за Морталитетот во Република Северна Македонија.

Притоа, ковид-19 се искачил како трета најчеста директна причина за смрт лани, со речиси 11 отсто од умрените лица кои биле заведени дека починале како последица од пандемијата. Како и во минатите години, најголемо учество имаат умрените лица од болести на циркулаторниот систем, според МКБ-10 (шифра I00-I99), и тоа во 41,6 отсто случаи од вкупно умрените лица во земјава, по што на второ место следуваат неоплазмите (шифра C00-D48) со 15,2 отсто од регистрираните умрени лица.

Статистичкиот извештај покажува дека поголем број од починатите лица во 2020 година биле од машки пол, и тоа 13.914 или 54 отсто од вкупно умрените лица. Бројот на умрените доенчиња изнесувал 108 и нивното учество во вкупниот број на умрените лица е 0,4 отсто.

Според месецот на смртта, најголем број случаи на умрени лица биле регистрирани во месец ноември (3.847).

Просечната возраст кај умрените лица од машки пол изнесува 71,6 години, односно 75,3 години кај лицата од женски пол, така што за 3,7 години повисока просечна возраст се бележи кај жените.

Статистичките податоци покажуваат дека во изминатава деценија во Македонија во просек на годишно ниво умирале меѓу 19.000 и 21.000 лица, односно во текот на минатата година во екот на ковид пандемијата, бројот е зголемен за загрижувачки 5.000 починати.

Од вкупно 25.755 починати во 2020 година, најголем дел биле со место на живеење во Градот Скопје – 6.582. Меѓу општините кои лани имале над 1.000 починати се: Битола (1.504), Куманово (1.336), Прилеп (1.214) и Тетово (1.022).