fbpx

Конечно одобрена помошта за Украина: Сличности и разлики меѓу новите инструменти за помош на Украина и за Западниот Балкан

Споредбата на инструментите за Украина и Западниот Балкан недовосмислено укажува дека се оди кон унификација на инструментите за помош, пишува Малинка Ристевска Јорданова од Институт за европска политика во анализа за Порталб.мк

-

Анализа за Порталб.мк на Малинка Ристевска Јорданова, Институт за европска политика

Неодамна главна вест од ЕУ беше согласноста на европските лидери за одобрување на новиот Инструмент за Украина со тежина од вкупно 50 милијарди евра за периодот 2024-2027 година. Предложен во јуни минатата година, по унгарското вето во декември, сега конечно се очекува да биде формално усвоен со донесување на соодветната Регулатива. ЕУ се пофали со единственоста на ставот, откако се вложија сите сили да се убеди Орбан да престане да блокира, засега без видлива контра-компензација.

Автор: Малинка Ристевска – Јорданова

Од педесетте милијарди евра, 17 милијарди се грантови, а остатокот долгорочни заеми. Инструментот се состои од три столба. Првиот е наменет за реформи и инвестиции за примена на Планот за Украина, како и да се одржи макро-финансиската стабилност на државата. Вториот е посебна Инвестициска рамка за Украина. Третиот е техничка помош за реформи поврзани со пристапувањето во ЕУ.

Споредбата на инструментите за Украина и Западниот Балкан недовосмислено укажува дека се оди кон унификација на инструментите за помош. Покрај висината на средствата (50 милијарди наспроти 6 милијарди евра за Западниот Балкан) голема разлика се целите на Инструментот. Кај Западниот Балкан тоа е главно економска конвергенција и реформи, додека кај Украина првенствената цел е реконструкцијата. Во инструментот за Украина како да се споени поранешниот (и дамнешен) КАРДС – помошта за реконструкција за Западен Балкан и ИПА – претпристапната помош. И секако – огромна разлика е што Инструментот за Украина е посебен за една држава, додека за Западен Балкан е за сите држави од регионот. Во иднина ќе се види како ова ќе влијае врз ефикасноста на користењето на средствата.

Каналите за користење на помошта се слични – еден дел е насочен кон државaта, врз основа на План (за Украина), односно Реформска агенда (на секоја од земјите за Западен Балкан), вториот дел – кон Инвестициска рамка во која голема улога имаат европските финансиски институции. За разлика од реформските агенди за земјите од Западен Балкан, Планот за Украина има поширок опфат, кој соодветствува со целите, кои вклучуваат и обнова и реконструкција.

Иако се нагласува дека во овој нов Инструмент се обединува помошта за Украина, останува посебната помош преку Инструментот за мир користена за вооружување, помошта за бегалците е преку други инструменти, а останува и помал дел од Инструментот за соседство, преку кој Украина досега користеше помош за реформи.  Според информациите од Советот на ЕУ, досегашната помош за вооружување изнесувала 5,6 милијарди евра од Инструментот за мир, додека земјите членки на билатерална основа дале 22,4 милијарди. 17 милијарди евра се дадени за помош на бегалците од Украина, 2,95 милијарди хуманитарна помош и уште 795 милиони евра за цивилна заштита. 30,15 милијарди евра изнесува дадената макроекономска финансиска помош од ЕУ во 2022 и 2023 година, и дополнителни 9,45 милијарди евра за оваа намена од државите членки.

Општите предуслови за користењето на помошта се идентични во двата инструменти – почитување на демократските механизми, вклучувајќи и повеќепартиски парламентарен систем, владеење на правото и почитување на човековите права, вклучувајќи ги правата на малцинствата. Меѓутоа, кај Инструментот за Западен Балкан изрично стои и нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово. Дополнителни во двата инструменти се условите поврзани со почитувањето на финансиските интереси на Унијата – заштитата од измама, корупција и конфликт на интереси. Сепак, кај Инструментот за Западен Балкан е понагласена условеноста на доделувањето на средствата со реформите во областа Темели.

Според последниот компромисен текст на Регулативата за помошта на Украина, зголемена е улогата на Советот на ЕУ, така што Комисијата ќе мора да го информира Советот за исполнувањето на условите пред префрлањето на средствата на Украина. Одлуката за евентуална суспензија на помошта е префрлена од Комисијата на Советот, секако – на предлог на Комисијата.  Дали тоа ќе биде внесено и во Инструментот за Западен Балкан допрва ќе видиме во процедурата за усвојување што претстои.

Една од разликите меѓу двата инструменти е што фондови на Украина можат, по исклучок, да ѝ се дадат уште пред да се усвои Планот, што засега не е дел од Предлогот на Инструментот за Западен Балкан.

Конечно и еден детаљ, кој досега минува незабележано – во последната верзија на Предлог-регулативата за Инсртументот за Украина додадени се и државите од Западниот Балкан во оние кои имаат право да учествуваат во доделувањето на набавките и грантовите од овој Инструмент. Колку и дали ќе можат да ја искористат оваа можност е друго прашање.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...